Турски суд го осуди новинарот Џан Диндар, кој живее во егзил во Германија, на повеќе од 27 години затвор за помагање на терористичка група и шпионажа.
Диндар, кој е поранешен главен уредник на опозицискиот дневен весник „Џумхуриет“, е прогласен за виновен за објавување студија во која се тврди дека турските тајни служби им доставуваат оружје на исламистичките групи во Сирија.
Судот денес соопшти дека Диндар е осуден на 18 години и шест месеци затвор за објавување доверливи информации и на осум години и девет месеци затвор за „помагање на терористичка организација“, односно мрежата на проповедникот Фетулах Ѓулен.
Анкара верува дека Ѓулен, кој живее во егзил во САД, го организирал пучот против претседателот Ердоган во јули 2016 година.

