Беким Незири воопшто нема учествувано во физички инцидент или пресметка ниту со Премтим ниту со кој било друг вработен во М-НАВ, ниту, пак, отворал врати за да внесува банди однадвор. Напротив, сите се вработени во М-НАВ, а настанот нема апсолутно никаква врска со ДУИ. Ова е коментарот на првиот вицепремиер Артан Груби според кого целата јавност „хистерично реагирала“ дека настанот го загрозил контролирањето на авиосообраќајот.
Во гостување на ТВ 24 рече дека разговарал и со Беким Незири и со други што биле таму тој ден, вклучително и со Премтим, за да дознае што се случило од другата страна. И двајцата му биле другари, а рече и дека се роднини меѓу себе. На прашањето каде се останатите четворица кои биле дел од инцидентот, Груби рече дека воопшто и не знае кои се тие.
Праша каде е неговиот другар Омер Буњаку, кој е поранешен член на навивачката група „Шверцери“, а од 2020 година и советник во неговиот кабинет, одговори дека тој е дома како и дека обвинителството не го бара него, бидејќи како што рече тој нема никакви допирни точки со инцидентот, а наводите за негова вмешаност се дезинформации и дел од хистеријата ДУИ да се поврзи со случувањата во М-НАВ.
Инаку Беким Незири е ексминистер и истакнат член во партијата, а во моментов и претседател на огранокот на ДУИ за Чаир. Но, тоа според Груби нема никаква врска, бидејќи Незири приватно може да прави што сака и ќе си одговара за тоа.