Американските медиуми јавуваат за пукање во средно училиште во сојузната држава Ајова. Според првичните информации, најмалку едно лице е убиено, а две се повредени. Напаѓачот е мртов, објави полицијата. Неофицијално, станува збор за ученик од училиштето.
„Ен-Би-Си“ јавува дека пред средното училиште Пери во Ајова има повеќе полициски возила, а на местото на пукањето пристигнале и итните служби. На местото на настанот се и екипи на ФБИ.
Денеска во САД е прв работен ден за училиштата по зимските празници. Пери, град со отприлика 9.700 жители, се наоѓа на 64 километри северозападно од Дес Моинс, главен град на американската сојузна држава Ајова.
Стакло насекаде, крв на подот
Ученик од Пери раскажува како се сокрил со уште тројца другари и наставникот во мала просторија, откако утрото почнало пукањето, пред почеток на наставата.
Студентката Ава Аугустос низ солзи опиша дека децата ги барале своите родители и пријатели кога слушнале дека напаѓачот е мртов и оти може да излезат од зградата.
„Трчате и гледате стакло насекаде, крв на подот. Дојдов до автомобилот, а од салата изнесоа девојка која беше погодена во нога“, изјави Аугустос.
Засега не е познато колку лица се повредени и во каква состојба се. Напаѓачот е идентификуван, но повеќе детали не се откриваат.