Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје хоспитализрани се 38 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. И покрај големиот број на приеми во текот на вчерашниот ден, утрово до 8 часот имало 40 тина слободни места
Вкупно 480 лица сомнителни и потврдени за КОВИД -19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град. Голем дел од нив се на кислородна поддршка.
Изминатото деноноќие од Ковид 19 во земјава починале 32 лица. Регистрирани беа нови 820 случаи од направени 2019 тестови, што значи 40% од тестираните биле позитивни. Оздравени се 895 пациенти.
Министерот за здравство Венко Филипче со апел до граѓаните во претстојниот период на слави и прослави да бидат одговорни и да ги почитуваат мерките за заштита. Славите, прославите и семејните собири беа причина за влошување на епидемиолошката состојба за време на првиот бран, напиша вчера Филипче на Фејсбук.
Во меѓувреме, ковид центрите на интерните клиники во Скопје на покана на Филипче ги посетил и доктор Никола Пановски, кој изготвил стручно мислење во кое меѓу другото навел дека правилно се третираат пациентите. Пановски пишува дека на клиниките се почитуват протоколите за терапијата со антибиотици, кои се ординирале според клиничката слика, компјутерска слика на белите дробови и комплетни лабораториски наоди.
Организациски, според Пановски, солидно се поставени центрите, со јасна поделба на зелена и црвена зона и персоналот е адекватно заштитен. Тоа што јавноста треба да го знае, е дека во сите тие центри постојано има присутен пулмолог, а не како што пишуваат по социјалните мрежи дека таму лекувал на пример офталмолог, напишал доктор Пановски во стручното мислење. Негова препорака е да се провери како се организирани и ковид центрите во внатрешноста на државата.












