Компанијата „АстраЗанека“ денеска соопшти дека вакцината што ја развива против коронавирусот може да биде ефикасна во 90 проценти од случаите и дека нема никакви несакани ефекти, а британскиот премиер, Борис Џонсон, оваа вест ја нарече „фантастична“. Со ова „АстраЗанека“ стана уште една во низата фармацевтски гиганти кои објавија позитивни податоци во врска со вакцината против Ковид – 19. Се чувствуваме пресреќни, вели претставникот на СЗО Давид Набаро, кој истакнува дека оваа вакцина може подолго време да се чува во фрижидер.
- Прекрасна е веста навистина. Многу својства на вакцината прават да се чувствуваме супер среќни. Пред се тоа е вакцина која може да се чува на температура во фрижидер подолго време. Тоа е вакцина која има висока ефикасност во испробаните режими на дозирање, на 50.000 доброволци, само што ги проверив своите белешки, вклучени во изработката, а според извештаите кои ги видов, нема големи сугурносни предизвици, рече Давид Набаро, СЗО.
Претходно позитивни резултати од речиси 95% објавија и компаниите „Фајзер“, „Модерна“ и руската Гамалеја“, која ја развива вакцината „Спутник V“.
Германскиот министер за здравство Јенс Шпан пак објави дека неговата земја во декември може да почне со вакцинирање на граѓаните и дека тој од сојузните држави веќе побарал до средината на декември да бидат подготвени сите центри за вакцинација. Германија преку Европската комисија веќе има обезбедено повеќе од 300 милиони дози на вакцина.
Водечкиот американски експерт за инфективни болести Ентони Фалучи, изјави дека САД во релативно брз период веќе следната година може да постигнат имунитет на стадо доколку доволен број на Американци се вакцинираат против коронавирусот.
Според универзитетот Џон Хопкинс од почетокот на ноември бројот на инфицирани од ковид во САД надмина рекордни три милиони луѓе. Ова е највисока месечна стапка од март досега.
Во Русија бројот на новодијагностицирани првпат е повеќе од 25 илјади за 24 часа, што е најголем број на нови случаи во еден ден, објави денеска Центарот за борба против коронавирусот. Со ова вкупниот број на заразени достигна два милиони и 500.
Билјана Ставрова