Утрешните средби со високиот американски фунционер Габриел Ескобар не ги ублажија денешните непомирливи изјави на политичките опоненти ВМРО ДПМНЕ и СДСМ. По собранискиот доказ дека нема дво-третинско мнозинство за уставни измени, опозицискиот лидер Христијан Мицкоски ја обвини власта дека врши тортура и притисок врз ВМРО ДПМНЕ, а на помош повикува странски дипломати.
-Јавноста мора да биде сведок на оваа тортура што Владата ја прави преку своите гласила но истовремено коленичи по светот и носи овде луѓе од светот да прават тортура врз ВМРО ДПМНЕ. Ние ќе останеме зашто не го правиме тоа од инает. Ние веруваме дека тоа е исправно, изјави претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Мицкоски е подготвен да разговара само за брзи избори. `Се друго за него е тортура и притисок.
-Нема ништо повеќе на маса. Само една работа е на маса: лидерска средба за датумот за предвремени парламентарни избори и да ги договориме деталите за законските измени. Подготвени сме за брзи избори без техничка Влада. Само тоа е на маса. Секој кој е подготвен да разговара за ова прашање е добредојден. `Се останато е во рамки на оваа кампања на тортура и притисок, вели Мицкоски.
Тезите дека Европа и светот се здружиле против Македонија и плашењето на граѓаните дека постои некаков супер непријател, ќе ја одведат земјата во изолација, предупредува премиерот Ковачевски. Вели дека од меѓународните пријатели добиваме поддршка, а не завера.
-Сметам дека една држава којашто има стратешко партнерство со САД како ниедна друга земја во овој регион, која што е земја членка на НАТО, пласирање на тези дека постои светска завера – во ниту еден случај не им оди во прилог на граѓаните ниту на државата, освен за политичката кариера на тој што го кажува тоа. Историјата потврдила дека неносењето одлуки единствено може да ве остави во чекална, рече претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Ескобар доаѓа „да разговара за билатерални и регионални прашања и да продолжи да го зајакнува партнерството со ценет НАТО сојузник“, велат од Стејт Департмент. Очекува „продуктивни разговори и заеднички дискусии за интеграцијата во ЕУ и долгорочниот просперитет на Западен Балкан“.
Соња Николовска