Моментната епидемиолошка состојба во Србија е заканувачка, поради што е потребна пообемна контрола на употребата на заштитни мерки, истакна денеска директорката на српскиот Институт за јавно здравје, Верица Јовановиќ.
Таа потсети дека вчера, од околу 12.000 тестирани лица, повеќе од 2.400 имале позитивен тест за присуство на новиот коронавирус, што, според неа, е висок процент.
– Најмногу случаи се регистрирани во Белград, следат Нови Сад и Крагуевац, а голем пораст на бројот на новозаразени има во Ваљево и Краљево. Околу 15 отсто од новите случаи бараат болничко лекување, а само вчера имавме 400 хоспитализирани, што претставува голем ризик, предупреди Јовановиќ.
Таа апелираше до граѓаните да држат физичко растојание и да избегнуваат собири наведувајќи дека со тоа му помагаат на здравствениот систем кој на тој начин ќе биде достапен за нив на поквалитетен начин.
Српскиот епидемиолог Предраг Кон изјави денеска дека состојбата со бројот на заразени со новиот коронавирус во Белград е критична. Според него, мора да се спречи понатамошно пренесување за да се зачува здравиот систем.
Во изјава за српски медиуми, тој додаде дека бројот на заразени со Ковид-19 во Белград се намалува во целокупната структура на заразените, „што значи дека инфекцијата се шири“.
На прашањето дали се разгледува затворањето на државата, што е чекор за кој во овој момент се одлучија многу европски земји, тој рече дека „може да се изврши одреден вид затворање, и дека се забранети одредени работи“, но дека ќе биде дефинирано и можно ограничување на движењето на некој друг начин отколку во почетокот на епидемијата, кога беше воведен „полициски час“, јави Бета.
Кон додадедека во моментов има големо присуство на респираторни инфекции, особено кај децата.