Онлајн повик за разрешување на Артан Груби. Граѓанската иницијатива „Гласот на народот“ покрена петиција за разрешување на првиот вицепремиер, но и на другите министри од ДУИ поради лошо менаџирање, неспроведување на изборната програма и создавање раздор.
Повикот доаѓа по синоќешната средба на „огнените“ со под-огранокот Шкумбини во Тетово. Изет Меџити, Блерим Беџети, Муса Џафери и другите порачаа дека се борат со ароганцијата на извршната власт. Тврдат дека преку средби со граѓани, петиција, но и со користење други механизми, воспоставуваат самокритика во партијата и бараат одговорност.
„Огнените“ побараа министрите да не ја валкаат ДУИ со казина и со ставање на европско знаменце на Законот за игри на среќа. На вицепремиерот Груби му порачаа да не се потсмева со Албанците, играјќи фудбал и кошарка.
Груби возврати во истиот стил, со нови фотографии од неговиот кабинет, на кои се гледа дека секој гостин мора да ги покаже своите спортски квалитети во шутирање на мали голчиња. Фудбалската топка му ја додал и на претседателот на Фондацијата „Отворено општество“, Александар Сорос. Поразговарале и за актуелната политичка ситуација и европската перспектива на земјата.
Спортските активности во скапиот кабинет на вицепремиерот и неговите сопартијци-министри, предизвикаа бура од негативни реакции. За неговите сопартијци од „огнените“, уште една дамка во функционирањето на министерскиот тим, чие разрешување бараат цела година.
Соња Николовска













