Американскиот претседател, Доналд Трамп, одби да учествува во виртуелна дебата со ривалот од демократската партија, Џо Бајден.
Претходно, комисијата која одлучуваше за форматот во кој ќе се води дебатата во Мајами, планирана за 15-ти октомври, соопшти дека соочувањето на кандидатите ќе мора да се одржи во виртуелен формат.
Оваа одлука беше донесена откако Трамп беше дијагностициран и третиран за Ковид-19. Иако тој во моментов нема симптоми, Белата Куќа, се соочува со кластер позитивни тестови.
Според Трамп, одлуката за виртуелна дебата било донесена со цел да се заштити Бајден. Од кампањата на кандидатот на демократската партија, соопшти дека тој е подготвен да учествува.
Првата претседателска дебата беше прогласена за најлошата во политичката историја на Соединетите американски држави, заради многубројните навреди и прекинувања, за кои во најголем дел беше виновен Трамп.
Претседателските избори во САД се закажани за 3-ти Ноември. Според последните анкети на јавното мислење, на национално ниво Бајден има речиси двоцифрена предност пред Трамп, но како и секогаш досега, исходот на изборите го одредува гласањето во неколку држави, каде разликата меѓу кандидатите често е многу помала.