Американскиот претседател Доналд Трамп потврди дека тој и првата дама на САД, Меланија Трамп, имаат позитивни тестови на корона вирусот и се веќе во карантин.
Трамп, кој има 74 години и со самото тоа е во високо-ризичната група од Ковид 19, информацијата ја објави преку Твитер. “Заедно ќе се справиме со ова” – напиша американскиот претседател.
Позитивниот тест за Доналд и Меланија Трамп следува откако една од неговите најблиски соработнички, 31-годишната Хоуп Хикс, беше потврдена како позитивна на корона вирусот. Таа патувала со Трамп, со претседателскиот авион, за првата телевизиски пренесувана дебата со ривалот од демократската партија, Џо Бајден, во Охајо во вторникот.
Во телефонската изјава за телевизискиот канал Фокс Њуз, дадена пред да го добие позитивниот резултат, Трамп најави дека можеби ќе мора да се изолира доколку е заразен со корона вирусот, но и тврдеше дека ризичен фактор за него и советничката Хикс е фактот дека припадниците на војската и полицијата едноставно чувствувале преголема љубов за нив.
- Многу, многу е тешко кога сме со луѓето од војската и полицијата и тие ви приоѓаат и тие сакаат да ве гушнат и да ве бакнат, затоа што ние навистина завршивме одлична работа за нив. Ќе се доближите и се случуваат работите. Бев изненаден кога слушнав за Хоуп, но таа е толку топла со нив. Тоа се случува. Подоцна ќе имам резултат. И првата дама исто така, затоа што ние минуваме многу време со Хоуп и останатите. Ќе видиме што ќе се случи. Мора, мора да ги третираме нашите луѓе добро. Не може само да им велите: подалеку, подалеку! Ви приоѓаат. Има толку многу љубов заради сето тоа што го направивме за нив, толку многу љубов, вели Трамп.
Докторот на Трамп, Шон Конли, соопшти дека претседателот и првата дама на САД во моментов се чувствуваат добро и ќе останат во Белата Куќа додека се опоравуваат. Тој додаде и дека очекува Трамп да ги врши своите обврски без нарушување додека е во карантин.
Според правилата на американскиот центар за контрола на болестите, по позитивен тест за корона вирусот, задолжителна е 10 дневна изолација.
На само 32 дена до претседателските избори во САД, веста за позитивниот тест на Трамп има и сериозни политички последици.
Американскиот претседател беше жестоко критикуван заради својот однос кон пандемијата, чија опасност повеќе пати ја потценуваше, избегнуваше да носи маски , па дури и го исмеваше Бајден дека постојано е маска на лицето.
Само неколку часа пред да добие позитивен тест, Трамп имаше снимено обраќање до донаторската конференција на католичките хуманитарни организации, на кои им кажа дека крајот на пандемијата е блиску.Трамп не е првиот светски лидер кој беше потврден како заразен со Ковид 19. Британскиот премиер Борис Џонсон и бразилскиот претседател Жаир Болсонаро претходно исто така имаа корона вирус. Двајцата сега се добро, иако Џонсон беше третиран со кислородна поддршка во текот на хоспитализацијата.
Никола Илиевски