Наредниве недели многу работи во политиката треба да станат појасни: Алијанса ќе одлучи дали ќе влезе во Влада, Алтернатива дали ќе остане, ВМРО ДПМНЕ ќе знае има ли шанси за предвремени избори, СДСМ ќе преброи уште колку недостигаат за отварање на Уставот, а ДУИ ќе ги убедува сите за заеднички „Фронт за Европа“.
ВМРО ДПМНЕ се жали на притисоци и уцени од власта. Посебно врз пратениците кои заговараат избори, без оглед дали се од власта или од опозицијата.
-Токму пратениците од мнозинството чувствуваат и знаат дека оваа власт треба да се смени. Затоа Владата на Ковачевски користи посредници и со нападни методи ја одржува власта. Но, власта треба да знае дека ваквиот начин е обратно-пропорционален од нивните намери за зголемување на мнозинството затоа што така само му се намалува рејтингот на СДСМ, рече портпаролот на ВМРО ДПМНЕ, Марија Митева.
„Пратениците се слободни да одлучуваат така како што сметаат“, одговара СДСМ и најавува зголемување на парламентарното мнозинство.
-Потопени се лагите на Мицкоски, кој тврдеше дека до крајот на јануари ќе има 61 пратеник за распуштање на Собранието. Мицкоски нема 61 пратеник, нема распуштање на Собранието, мнозинството ќе биде поголемо од тоа што е денес. И пред една година тој тврдеше дека ќе има ново мнозинство,а актуелното мнозинство се зголеми. Така ќе биде и овој пат, велат од СДСМ.
Во калкулациите со бројот на пратениците, Алијанса за Албанците деновиве се избори за централно место. Без конкретна понуда од премиерот Ковачевски, но со секојдневни контакти со Владата, вчера во Куманово одлучи да формира комисија која ќе почне со преговори.
-Централното Собрание го овласти централното раководство на Алијанса за Албанците евентуално да одлучи понатаму да има официјална екипа којашто ќе разговара следните шест-седум дена до максимум две недели за евентуално вклучување на АА во Владата или ако тоа продолжи повеќе, евентуално да прекине и да донесе конечна одлука, изјави претседателот на АА, Арбен Таравари, по седницата.
Поранешниот коалициски партнер на Алијанса, Алтернатива, не поддржува зголемување на владеачката коалиција. Најавите за придружување на Алијанса ги толкува како обид за спасување на ДУИ.
-Ако Алијанса одлучила да го спасува Али Ахмети и со тоа да се претопи во ДУИ, тоа е нивна работа. Но, не е добро тоа да се маскира со наводна борба против корупцијата и интеграциите во ЕУ, рече портпаролот на Алтернатива, Орхан Муртезани во ексклузивна изјава за Телма.
А власта како да е во предизборна кампања. Само што СДСМ ги заврши средбите со граѓани од различни градови, ДУИ почна. Неколку посети на ограноците низ Гостиварско посвети на убедување дека сега е вистинскиот момент да изградиме европска иднина.
-Има прогноза за 2030-та, но можеме уште повеќе да го скратиме патот ако си ја завршиме домашната задача – не затоа што тоа го бараат Брисел и Вашингтон, туку затоа што ни треба нам. За да владее законот, да имаме функционална администрација, да немаме криминал…Ни треба Фронт за Европа бидејќи тоа го скратува патот до членство и ја олеснува работата до стандардите – почнувајќи од ветинг до владеење на правото, рече лидерот на ДУИ, Али Ахмети, при средбата со граѓаните на Гостивар.
За уставни измени се неопходни 80 пратеници: не само за да влезат во сила, туку и за да почне постапката на дополнување на преамбулата со етничката заедница Бугари. Процедурата треба да заврши до ноември, за да се отворат првите поглавја во преговарачкиот процес. Но, и со Алијанса и без неа, нема такво парламентарно мнозинство. Во моментот нема ни просто мнозинство од 61 пратеник за распуштање на Собранието, како единствен легален начин за предизвикување нови избори.
Соња Николовска













