По вчерашните два, денеска бил извршен уште еден воздушен напад врз руски воен аеродром со беспилотни летала во Курск, на југоистокот од Русија кој граничи со Украина. Москва, исто како и вчера, тврди дека нападот е дело на Украина, но Киев, како и во минатите случаи, не дава никаков официјален коментира.
„Денеска се одржа состанок на антитерористичката комисија на Курската област на кој беше донесена одлука од денеска во 5 часот наутро, па во наредните 15 денови, да биде продолжено жолтото, високо ниво на терористичка тревога“, изјави Роман Старовојт, гувернер на Курската област.
Како одговор на вчерашните напади, Русија лансираше нов голем ракетен напад врз украинската енергетска инфраструктура. Министерот за одбрана на Руската Федерација, Сергеј Шојгу, ја обвини Украина дека ја гранатира нуклеарната централа Запорожје, за во светската јавност да се создаде чувство дека на Европа ѝ се заканува нуклеарна катастрофа. Шојгу, и покрај големото отстапување на руската армија изминативе 2 месеци, тврди дека Украинците претрпеле тешки загуби.
„Непријателските загуби во ноември достигнаа 8.300 војници, пет авиони, 10 хеликоптери, 149 тенкови, и повеќе од 300 оклопни борбени возила“, Сергеј Шојгу, министер за одбрана на Руската Федерација.
Пред вчерашните напади украинските власти најавуваа дека ќе започнат со планирани рестрикции за да обезбедат поголема стабилност во снабдувањето на украинските граѓани, но руските ракетни напади врз енергетската инфраструктура немилосрдно продолжуваат, додека голем дел од Украина веќе е под снег и температурите започнаа да паѓаат под нулата.
„Едноставно нѐ погодува тоа, едноставно немам зборови. Кога ќе заврши, не знаеме дали воопшто ќе заврши“, вели Тања Мандрова, жителка на Киев.
Русија започна да ја користи оваа тактика по низата порази на североистокот и југот на Украина на почетокот на октомври, поради што многу западни земји обвинија за воени злосторства поради големите штети кои ги рпедизвикуваат врз цивилната инфраструктура. Многумина од нив сметаат дека оваа тактика на Москва повеќе е насочена кон деморализирање и тероризирање на украинската популација, отколку овбезбедување некаква воена предност.
Игор Трајков












