Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Зеленски: Украина никогаш не учествувала во акција за саботажа на „Северен тек 2“

/

Свет

Сподели преку :

Украина никогаш не учествувала во операција поврзана со саботажата на гасоводот „Северен тек 2“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски на средбата на врвот на Украина и Северно-балтичката осумка, во која членуваат Финска, Шведска, Норвешка, Данска, Исланд, Литванија, Латвија и Естонија.

„Украина никогаш официјално не учествувала во каква било операција поврзана со разнесувањето на „Северен тек 2““, рече Зеленски, додавајќи дека Украина не стоела ниту зад планирањето, ниту зад извршувањето на акцијата.

Тој нагласи дека за случајот се води истрага и оти Украина е подготвена да соработува со германските и со другите странски власти во утврдувањето на сите околности.

„За нас е многу важно да не го изгубиме партнерството и довербата на европските земји кои и помагаат на Украина од почетокот на оваа војна“, рече Зеленски.

Изјавата следува откако германското Федерално обвинителство минатата недела соопшти дека во Хрватска бил уапсен уште еден украински државјанин, означен како Владимир З., по европска потерница издадена од германските власти. Тој е осомничен дека бил дел од група што во септември 2022 година поставила експлозив на гасоводите „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“ во Балтичкото Море.

Германските власти претходно обвинија и украински државјанин, Сергиј К., дека бил организатор на операцијата. Тој ги негира обвинувањата.

Експлозиите на 26 септември 2022 година предизвикаа сериозно оштетување на гасоводите „Северен поток“, што ги поврзуваат Русија и Германија. Истрагата за одговорноста за саботажата се уште е во тек.