Администрацијата на Трамп размислува поранешниот унгарски премиер, Виктор Орбан, да го постави за нов генерален секретар на ОН.
Според извештајот на весникот, Орбан би можел да биде заеднички кандидат на САД, Русија и Кина, а извори од трите земји потврдиле дека администрацијата на Трамп ја поддржува неговата кандидатура.
Орбан ја загуби власта на парламентарните избори во Унгарија во април, кога партијата Тиса на Петер Маѓар го победи по 16 години владеење со апсолутно мнозинство.
Орбан е познат по своите крајно десничарски политики, изразеното противење на миграцијата и евроскептицизмот, кои заедно со назадувањето во владеењето на правото во Унгарија, доведоа до заострување на односите со западните сојузници, вклучително и со Европската Унија и НАТО.
Сепак, Орбан одржуваше блиски врски со Доналд Трамп, Владимир Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг.
По изборите, унгарските власти отворија истраги за измами и корупција против неколку членови на поранешната влада на Орбан. Двајца поранешни министри и поранешниот гувернер на Унгарската народна банка се во притвор, а властите би можеле да ја испитаат и евентуалната вмешаност на Орбан во тие случаи.
Според „Волстрит џурнал“, сè уште не е донесена конечна одлука за овој план. Претставник на американскиот Стејт департмент признал дека идејата на прв поглед звучи лудо, но рекол дека претходните разговори со Вашингтон укажуваат оти Русија и Кина исто така ја поддржуваат. Целта е Орбан да биде заеднички кандидат на трите земји.
„Ако САД, Русија и Кина сакаат исто нешто во Советот за безбедност на ОН, обично го постигнуваат тоа“, изјавиле за весникот претставници на САД и на уште една земја.
Вториот петгодишен мандат на актуелниот генерален секретар на ОН, Антонио Гутереш, завршува на 31 декември.
Белата куќа, Москва и Пекинг не ги потврдиле овие информации.












