Апелацискиот суд во Иран ја потврди казната од 74 удари со камшик за познатата пејачка Парасту Ахмади, која настапувала без задолжителен хиџаб, соопштија нејзините адвокати.
Ахмади во декември 2024 година одржала концерт облечена во фустан без ракави, а настапот во живо го пренесувала на својот канал на Јутјуб. Иранските закони забрануваат јавни настапи на жените и наложуваат носење марама и облека која го покрива телото.
Иранското обвинителство покренало постапка против 29-годишната пејачка . Властите тогаш соопштиле дека настапот бил „во спротивност со законските и културните прописи на земјата“.
Кривичниот суд во Ком ja прогласи неа и уште неколку членови на групата за виновни за обвиненија кои вклучуваат „навредување на јавниот морал“ преку објавување „непристојна и неморална содржина“.
Покрај 74-те удари со камшик, на осудените лица им е забрането две години да се занимаваат со аудиовизуелни активности и да ја напуштаат земјата.
Повисокиот суд ја одбил жалбата на обвинетите без одржување расправа, изјавија нивните адвокати.
„Според нашето мислење, одржувањето на концертот воопшто не претставуваше кривично дело. Првостепениот суд изрече една од најстрогите казни за овие обвиненија, иако беа достапни и парични казни и поблаги санкции“, изјавил еден од адвокатите за Би-би-си.
Тој додал дека апелацискиот суд имал можност да одржи расправа, но тоа не го направил и ја потврдил пресудата.
Пејачката Гугуш, која живее во егзил, тогаш напиша дека се надева дека „ќе завршат овие мрачни денови“ и дека жените повторно ќе имаат слобода сами да одлучуваат како ќе живеат и како ќе се облекуваат.
Пресудата ја осудија и организации за човекови права. Амнести интернешнл предупреди дека камшикувањето претставува сурова, нехумана и понижувачка казна и ја прекршува апсолутната забрана за тортура и други форми на малтретирање.












