Научници развиваат нов вид вакцини кои би можеле да помогнат во спречување на рак на дебелото црево кај луѓе со Линчов синдром – наследна генетска состојба која значително го зголемува ризикот од појава на ова заболување.
Вакцините имаат цел да го активираат имунолошкиот систем за да ги препознае и уништи променетите клетки пред да се развие тумор.
Во тек се неколку клинички испитувања во САД и Велика Британија. Една од испитуваните вакцини, тестирана кај лица со Линчов синдром, покажала дека може да го засили дејството на Т-клетките кои ги напаѓаат абнормалните клетки, а кај дел од учесниците биле забележани и помал број предканцерозни промени.
Линчовиот синдром го носат околу еден милион Американци и најчесто е поврзан со висок ризик за рак на дебелото црево и други видови карциноми.
Иако вакцините сè уште се во рана фаза на истражување, научниците се надеваат дека во иднина би можеле да понудат дополнителна заштита покрај редовните прегледи и колоноскопии.












