Мнозинството Американци сметаат дека политиките на претседателот Доналд Трамп придонесуваат за растот на инфлацијата, а повеќето испитаници ги посочуваат увозните царини како една од главните причини за повисоките цени, покажува истражувањето на „Ројтерс“/„Ипсос“.
Според агенцијата, загриженоста за економијата и војната со Иран придонесоа за рекордно ниска јавна поддршка за претседателот и ја ослабнаа поддршката за републиканците пред изборите на кои ќе се одлучува за контролата врз Конгресот во следните две години.
Меѓу оние што се изјасниле како републиканци, 64 проценти сметаат дека претседателската администрација сноси дел од одговорноста за поскапувањата. Истото мислење го делат 76 проценти од испитаниците без партиска определба.
Вкупно 54 проценти од анкетираните, меѓу кои и 40 проценти од републиканците, изјавија дека нивните трошоци значително се зголемиле во последната година. Според 30 проценти, трошоците пораснале малку, додека 10 проценти не забележале промена.
Меѓу приврзаниците на Републиканската партија, 57 проценти велат дека нивните трошоци растат побрзо од платите. Тоа е во спротивност со предизборните ветувања на Трамп од 2024 година дека ќе ја стави инфлацијата под контрола и ќе ги намали цените „уште од првиот ден“ од неговиот претседателски мандат, забележува „Ројтерс“.
Незадоволството од справувањето на администрацијата со инфлацијата изнесува 68 проценти меѓу сите испитаници и 40 проценти меѓу републиканците. Околу една четвртина од приврзаниците на Републиканската партија не ја одобруваат економската политика на Трамп. Кај испитаниците без партиска определба, тој процент изнесува 63, а кај демократите 92 проценти.
Истражувањето покажува и промени во потрошувачките навики. Околу 63 проценти од испитаниците изјавија дека поретко одат во ресторани, а 56 проценти ги намалиле трошоците за забава или за стриминг-услуги. Помал дел рекоа дека поретко возат или доцнат со плаќањето на сметките.
Анкетата на Ројтерс/Ипсос е спроведена онлајн во период од шест дена и заврши во понеделникот, а во неа учествуваа 4.506 полнолетни Американци.












