Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не се кае што започнал војна против Иран, и покрај влијанието што конфликтот би можел да го има врз ноемвриските избори за американскиот Конгрес.
– Не верувам во зборот ‘каење’. Секогаш можете малку да се запрашате дали сте биле во право – изјави Трамп во интервју со водителката на „Фокс њуз“, Лора Инграхам, на прашањето дали се кае поради војната со Иран заради нејзиното можно влијание врз изборниот исход.
– Ако требаше повторно да го направам тоа, ќе постапев токму исто – рече Трамп во интервјуто.
Американскиот претседател ги отфрли наводите дека дел од неговите поддржувачи се вознемирени и деморализирани поради војната.
– Не мислам дека се деморализирани. Мислам дека се многу горди на фактот што не му дозволувам на Иран да има нуклеарно оружје – изјави тој, повторувајќи го своето уверување дека војната ќе заврши веднаш по изборите за Конгресот.












