Спасувачите во Непал и Тибет продолжуваат со потрагите по преживеани во катастрофалните поплави, смртоносниот биланс од трагедијата продолжува да се зголемува, додека властите испраќаат и предупредувања за можни нови поплави.
Во Непал, спасувачите сѐ уште не се откажуваат од обидите да пронајдат живи некои од повеќето од 900-тината работници на различни хидроелектрични проекти во поплавениот регион.
Тие внесувале воздух и спуштале храна во еден тунел, иако сè уште не успеале да воспостават контакт со луѓето што се наоѓаат внатре.
Непалската агенција за управување со катастрофи и одделот за прогнозирање на поплави денеска објавија и предупредувања до жителите на најтешко погодените области Расува, Нувакот и Дадинг, советувајќи ги да бидат внимателни поради информациите за нови поплави на реката Бхотекоши.
Предупредувањето уследи откако кинеските власти споделија информации за зголемен проток на вода во горниот тек на реката.
„Понекогаш тие (владата) велат дека доаѓа поплава, па мораме да трчаме на повисоко место, дури и навечер. Исто така има и поројни врнежи. Потоа се враќаме, готвиме храна, јадеме и повторно трчаме на повисоко место. Вака ни поминува времето. Навистина е тешко. Имам 72-годишен татко и 70-годишна мајка. Исцрпен сум од тоа што ги носам. Вака живееме ние кои сè уште сме живи“ – изјави Говинд Шрешта, локален жител.
„Добивме СМС-предупредување од одделот за контрола на поплави, а локалната полиција и припадниците на армијата нè информираа дека доаѓа поплава, втора фаза на поплавување. Затоа се искачивме на повисоко место, подалеку од нивото на земјата“ – додаде Атма Шреста.
Уништувањето во Непал е застрашувачко. Цели населени места беа збришани од налетот на водената стихија, кое јасно се виде во снимките кои го потресоа светот.
Стотици човечки животи згаснаа за десетина секунди а преживеаните изгубија сѐ што имаат.
„Може да се види и размерот на разорувањето. Цели куќи, трактори, земјоделска опрема и возила се целосно потопени во наносите покрај реката. Мислам дека размерот на штетата сè уште се проценува, бидејќи до некои области е многу тешко да се стигне“ – вели Викторија Милко од Асошиејтед Прес.
Бројот на загинати во Непал се зголеми на најмалку 788 луѓе, додека повеќе од 2.500-тини се водат како исчезнати.
На кинеската страна од границата, во Тибет, официјалниот број на загинати изнесува 16, додека се пријавени 546 исчезнати.
Според кинеските медиуми, спасувачите во Тибет не успеале досега да пронајдат преживеани.
Никола Илиевски












