Разликите меѓу американскиот претседател, Доналд Трамп и Европската Унија во пристапот кон руската војна против Украина се чини дека никогаш не биле поголеми и поочигледни.
Поддршката за Украина е централната тема на денешниот, втор ден од Самитот на ЕУ, а пред почетокот, украинскиот претседател, Володимир Зеленски, се сретна со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта и претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен од кои доби јасни ветувања за продолжување на европската поддршка.
Дополнително, европските лидери јасно се дистанцираа од одлуката на Трамп да ги ублажи санкциите кон Русија во замена за договорот за снабдување со дизел гориво.
„Нашата порака до претседателот Зеленски е многу едноставна. Поддршката на Европската Унија за Украина останува посилна од кога било.Ова не е време да се повлече поддршката за Украина, ниту е време да се ублажат санкциите против Русија. Сега е време да ја зголемиме нашата поддршка и да го засилиме притисокот“, изјави претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
Дополнително, Трамп прогласи и наводно енергетско примирје меѓу Русија и Украина, кое Москва не само што не го почитуваше туку и во деновите потоа, ги засили нападите против украинските енергетски капацитети пред претстојната зима.
„Се разбира, го поддржавме предлогот на претседателот Трамп за прекин на огнот во енергетскиот сектор, но видовме дека Русија не го почитуваше ниту една минута. Напротив, Русија ја ескалираше ситуацијата и затоа мора да го зголемиме притисокот врз неа.Во моментов работиме на 22-от пакет санкции. И едно нешто е апсолутно јасно: нема да укинеме никакви санкции сè додека Русија не ја запре војната“, рече претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен.
Како може да се надмине јазот меѓу Вашингтон и Брисел во однос на Украина? Откако неколку секунди размислуваше, и шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, призна – ова е тешко прашање.
„Па, тоа е навистина тешко прашање. Мислам, ние се обидуваме да ги убедиме нашите американски партнери дека ако сакаме да ја завршиме оваа војна, тогаш мораме да го притиснеме агресорот“, порача Калас.
Колку Трамп е блиску до Путин а далеку од Европските лидери во однос на воената агресија на Москва во Украина?
Ројтерс денеска ексклузивно пренесе дека наредбата за ограничување на капацитетот на сателитскиот систем Старлинк, кој е клучен за украинските комуникации на борбеното поле и за нападите со дронови, дошла директно од Белата Куќа.
Ограничувањето на Старлинк доаѓа во период кога Трамп врши притисок врз Киев да ги запре напади врз руските рафинерии.
Заборавајќи на својата одлука да го нападне Иран и блокадата на Ормускиот теснец, Трамп тврди дека токму украинските напади се виновни за наглиот раст на цените на горивата и на американските пумпи, што секако ќе има ефект и на претстојните избори за американскиот конгрес во ноември.
Никола Илиевски












