Историски договор и голема победа, вака САД го нарече договорот за кој претседателот Доналд Трамп објави дека е постигнат со Данска за зајакнување на американското воено присуство на Гренланд. Договорот е постигнат по неколкумесечните закани дека ќе го преземе островот со сила од сојузникот во НАТО – договор со кој арктичката територија сепак останува во рацете на Данска.
Во објава на социјалните мрежи со која го најави договорот, Трамп напиша дека тој „ѝ дава на САД трајна контрола врз безбедноста и сите други потреби на Гренланд, целосно решавајќи ги сите бројни американски загрижености“.
Со Данска и Гренланд работевме за да гарантираме дека Соединетите Држави засекогаш ќе ја имаат целосната можност да го направат она што е неопходно на Гренланд за да ја обезбедат и одбранат безбедноста на Гренланд и на САД, објави Трамп.
Тој додаде дека со овој договор неговата администрација „веднаш“ ќе го започне процесот на воспоставување поголемо воено присуство на данската територија богата со минерали.
Од кабинетот на данската премиерка Мете Фредериксен соопштија дека договорот ќе биде потпишан од сите три влади следната недела за време на Генералното собрание на Обединетите нации, но сепак е потребна и парламентарна постапка од страна на владите на Данска и на Гренланд пред тој да стапи на сила.
Премиерот на Гренланд, пак Јенс-Фредерик Нилсен, изјави дека договорот што е во фаза на подготовка им користи на сите три влади и „ги признава интересите на Гренланд во меѓународната соработка“.
Жителите на Копенхаген ја поздравија веста за договорот меѓу САД, Данска и Гренланд, изразувајќи олеснување што повеќемесечната неизвесност, по сè изгледа, се ближи кон крајот.
- Па, тоа е големо олеснување, бидејќи, искрено кажано, навистина е тажно што САД некогаш ни беа еден од најблиските сојузници, додека Доналд Трамп, како што изгледа, ја користи секоја можност да се обиде да ја разедини Европската Унија и да го наруши сојузот меѓу Европа и САД. Така што, мислам дека секогаш е олеснување кога успеваме работите да ги решиме на пријателски начин, изјави Мајкл Бургард, работник кој живее во Гентофте, Данска.
- Чувствувам дека долго време го очекувавме тој заклучок, односно таа одлука, и ситуацијата беше тешка и за народот на Гренланд и за данскиот народ. Водевме тешка борба, со неизвесност околу нашиот однос и прашањето дали врз него треба да влијае агресивната надворешна политика на САД, додаде Мајкл Фрис, наставник во средно училиште во Копенхаген
Договорот забранува било каква база во Гренланд што не е под покровителство на НАТО, ги ограничува можностите на противниците да вршат инвестиции во Гренланд и гарантира дека Кина и Русија не можат да имаат база таму – според претставник на Стејт департментот кој не бил овластен јавно да коментира и зборувал под услов на анонимност.
Инаку, со своето враќање во Белата куќа минатата година, Трамп побара од Данска да го предаде островот на САД, притоа инсистирајќи дека Гренланд е од клучно значење за безбедноста на САД.
Тој дури не ја исклучуваше можноста островот да се преземе со воена сила, иако Данска е сојузник на САД во НАТО.
Данска и Гренланд постојано изјавуваа дека островот не е на продажба и ги осудија извештаите дека САД таму собираат разузнавачки податоци.
На американските настојувања во врска со Гренланд остро се спротивставија и Русија и голем дел од Европа.
Кристина Кузмановски












