Најмалку две лица загинаа, а 14 се повредени во руски напад со дрон врз трговски центар во украинскиот град Суми, соопштија локалните власти. Во нападот биле оштетени објектот и најмалку четири возила, а на местото интервенирале пожарникари и спасувачки екипи.
Снимките од местото покажуваат големи оштетувања на објектот, запалени возила и остатоци расфрлани околу трговскиот центар.
Спасувачите им укажувале помош на повредените и ги обезбедувале телата на загинатите.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски повторно ја критикуваше меѓународната заедница поради, како што рече, недоволно остриот одговор на руските напади врз цивилни подрачја.
Москва, пак, постојано негира дека намерно гаѓа цивили и тврди дека целите на нејзините напади се објекти поврзани со украинските воени активности.












