Рекордно нискиот водостој на реката Дунав предизвикa сериозни проблеми во производството на електрична енергија во Австрија, Унгарија и Романија. Поради недостигот на вода, повеќе хидроелектрани, како и нуклеарни централи, беа принудени да го намалат производството или привремено да ја прекинат работата.
Според унгарската служба за водостопанство, нивото на Дунав кај градот Пакс е за 121 сантиметар пониско од досега забележаниот рекорден минимум.
Од австриската енергетска компанија „Verbund“ посочуваат дека главните причини за нискиот водостој се недостигот на врнежи и сè помалата количина вода што доаѓа од топењето на снегот и глечерите.
Во Романија, водостојот на Дунав е намален на само една третина од просекот за јули, поради што беа запрени двата оперативни реактори на нуклеарната електрана „Чернавода“, која обезбедува околу една петтина од електричната енергија во земјата.
Во Унгарија, пак, од работа е исклучен еден од четирите реактори на нуклеарната електрана „Пакс“, а властите предупредуваат дека доколку состојбата продолжи, можно е да бидат запрени и останатите реактори.
Нискиот водостој создава проблеми и за речниот сообраќај. Кај романското пристаниште Четате туристички брод со речиси 240 патници се насука на песочен нанос.
Сите патници биле безбедно евакуирани, а надлежните работат на расчистување на пловниот пат.












