Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Протести во Њујорк – aгент на ICE застрела маж пред неговото петгодишно дете

/

Свет

Сподели преку :

Дваесет и осумгодишен маж од Доминиканската Република беше ранет од агент на американската Служба за имиграција и царинска контрола за време на операција во населбата Марбл Хил во Бронкс, Њујорк.

Инцидентот се случи вчера во попладневните часови, додека мажот бил во автомобил заедно со петгодишно дете, за кое се верува дека е негов син.

Тој се здобил со прострелна рана во пределот на вратот, но повредата не е опасна по живот, додека детето не е повредено и е згрижено од членови на семејството.

Според полициските информации, најмалку еден федерален агент испукал седум куршуми кон возилото, откако му пристапил на возачот додека се обидувал да паркира.

Околностите што довеле до пукањето сè уште не се целосно разјаснети.

Американското Министерство за внатрешна безбедност соопшти дека ранетиот маж има претходни полициски евиденции и наводни врски со банда, додека двајца агенти исто така биле повредени во инцидентот.

Федералните власти ја презедоа истрагата.

Градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, и гувернерката на сојузната држава Њујорк, Кети Хокул, побараа прекин на имиграциските операции во градот и објавување на евентуалните снимки од камерите на телата на агентите.

Локалните претставници побараа и независна истрага за случајот.

Инцидентот предизвика реакции и протести во населбата, во услови на засилени активности на службата како дел од имиграциската политика на администрацијата на претседателот Доналд Трамп.