Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Ормутски теснец: Нови рути, стари услови

/

Свет

Сподели преку :

Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, соопшти дека разговорите со Оман за воспоставување нови поморски коридори низ Ормутскиот Теснец се во завршна фаза. Но, клучната порака од Техеран е друга: договорот за нови рути не значи и повторно отворање на Теснецот. За тоа, вели Арагчи, мора да бидат исполнети дополнителни услови. И токму тука повторно се вклучува Вашингтон.

– Нашите преговори со Оман се однесуваат на воспоставување нови поморски правци низ Ормутскиот теснец. Овие разговори напредуваа добро и можам да кажам дека сме во завршна фаза. Старите правци ќе бидат заменети со нови. Експертите моментално работат на мапите. Сепак, ова не значи дека Ормутскиот теснец ќе биде повторно отворен, вели Арагчи.

Техеран тврди дека со САД во моментов нема директни преговори. Има пораки што се разменуваат преку посредници, но, според Арагчи, тие сè уште се само обид да се создадат услови за продолжување на преговорите.

– Да, пораките се разменуваат преку посредници, но тоа не е преговори. Тоа е едноставно размена на пораки. Посредниците сè уште се обидуваат да постават основа за продолжување на преговорите. Од наша гледна точка, сè додека не се решат прекршувањата на меморандумот за разбирање и сè додека Соединетите Американски Држави не ги надоместат обврските што ги прекршија според тој меморандум, нема можност за рестартирање на преговорите, додава Арагчи.

Иранскиот Совет за национална безбедност во саботата постави и дополнителни услови – прекин на американските закани, крај на војната, укинување на поморската блокада, повлекување на американските сили од регионот, компензација за воената штета и олеснување на санкциите.

Додека дипломатските пораки патуваат преку посредници, на теренот тензиите продолжуваат.

Во Јемен, владините сили соопштија дека извршиле напади врз позиции и капацитети на Хутите, како одговор на неодамнешните напади во кои загинаа десетици војници и цивили.

– Нашите вооружени сили спроведоа воена операција против силите и капацитетите на милицијата Хути, вклучувајќи ги и нејзините терористички елементи, на неколку оски по должината на фронтовските линии со нашите вооружени сили, соопшти портпаролот на јеменската војска, Мајед Ал Назили.

Ескалацијата меѓу Хутите и меѓународно признатата јеменска влада повторно го зголемува стравот дека Јемен би можел да се врати во голем конфликт, четири години по примирјето постигнато со посредство на Обединетите нации.

ОН веќе предупредуваат дека ризикот од нова голема војна во Јемен е најголем од примирјето во април 2022 година.

А паралелно со регионалните тензии, од Иран пристигна и видео кое повторно го привлече вниманието.

Иранските државни медиуми објавија снимка на врховниот лидер Ајатолахот Моџтаба Хамнеи, при негово наводно предавање по верска јуриспруденција.

Снимката не е независно потврдена но нејзиното објавување е особено значајно бидејќи Хамнеи, според извештаите, по повредувањето во почетокот на американско-иранската војна не се појавува во јавноста и досега комуницирал главно преку писмени пораки.

Александар Петрески