Стотици пожарникари беа ангажирани во гаснењето на големиот шумски пожар што во текот на ноќта се прошири по ридовите над станбените објекти во Бијела, Црна Гора. Неколку жители беа евакуирани превентивно, додека силниот ветер дополнително го отежнуваше справувањето со огнената стихија.

Поради брзото ширење на пожарот, црногорските власти побараа помош од пожарникарски екипи од соседните земји. Црногорското приморје во летните месеци често е погодено од шумски пожари, особено при високи температури, суша и силни суви ветрови.

Пожарите се дел од поширокиот бран екстремни временски услови што ја зафати Европа. Температурите над 40 степени и продолжените сушни периоди ја сушат вегетацијата и создаваат услови пожарите полесно да се шират и да бидат поинтензивни. Според европската климатска служба „Коперник“, Европа се загрева повеќе од двапати побрзо од глобалниот просек.












