Во Србија утре се одржуваат предвремени парламентарни избори на кои како никогаш досега изминативе 14 години, Александар Вучиќ се соочува со сериозен предизвик по неговата политичка доминација во земјата. Вучиќ дури поднесе оставка на претседателската функција за да ја предводи листата на неговата Српска напредна партија.
Изборите се одржуваат само една недела пред двегодишнината од уривањето на настрешницата на новосадската железничка станица, несреќа во која загинаа 14 лица, а од протестите за барање одговорност кои започнаа по неа, настана ова масовно младинско политичко движење, кое според анкетите има сериозна шанса да ја прекине совршената низа изборни победи на Вучиќ.
Тие млади гласови, многумина би кажале помалку невини и наивни, кои бараа одговорност и промени брзо беа киднапирани и претворени во дел од насилната политичка машинерија, чија цел е да се заобиколат демократските институции. И тоа беше направено со многу пари од странство, многу, многу пари, милијарди евра внесоа за да ја уништат Србија, обвини вучиќ од последниот митинг на снс.
Владејачката Српска напредна партија водеше ретко видена интензивна кампања, имајќи ја во предвид доминацијата и сеприсустноста на Вучиќ и нејзините кандидати на мејнстрим медиумите во Србија.
Многу работи што брзо се случуваа изминативе денови, пред сѐ исклучително негативна, остра, насилничка кампања од страна на режимските медиуми против политичките неистомисленици и луѓето на студентската листа, една сосема агресивна комуникација која доаѓа од телевизиите со национална покриеност, на социјалните медиуми, вели професорката по политички науки на белградскиот универзитет александра крстиќ.
Соочени со жестоки напади преку традиционалните медиуми, студентите водеа креативна кампања на социјалните медиуми, додека на терен преку маршеви и велосипедски турнеи се обидоа да стигнат до што повеќе гласачи, не само низ градовите туку и во руралните средини, кои се сметаат за традиционално упориште на Српската напредна партија.
Српската јавност како ретко кога после падот на Милошевиќ е заинтересирана за овие избори и секоја вест поврзана со изборниот процес или кампањата предизвикува жестока дебата во општеството.
За тоа сведочи и рекордно високиот број на пријавени за гласање во дипломатските претставништва во странство, односно дури 104.000, што претставува три пати повеќе од бројот на гласачи од дијаспората на последните избори.
Не гледам шанса дека ќе го признае поразот, затоа што се што се случи до сега и искуството од претходните 10, 15 години, ми кажуваат дека тоа е една исклучителна моќ, огромно влијание, една машинерија доведена до перфектност, рече крстиќ.
Во последните денови пред изборите повеќе агенции објавија истражувања на јавното мислење со спротивставени резултати, но заедничко на сите им е што без разлика кој предвидуваат дека води, разликата е мала. Испитувањата на јавното мислење покажуваат дека излезноста ќе биде клучна, и само таа уште во текот на изборниот ден може да даде некакви поконкретни индикации.
Затоа политичките аналитичари не се осмелуваат да предвидат што ќе се случи на денот на изборите, а уште помалку и во постизборниот период.
Игор Трајков












