И покрај пријателски гестови и раскошната државна вечера, Доналд Трамп и Си Џинпинг ги повторија истите поенти од посетата на американскиот претседател на Пекинг пред неколку месеци, јасно посочувајќи дека многу малку разговарале за најзначајните прашања кои ги оптоваруваат меѓусебните односи и кои фрлаат сенка врз глобалната економија.
Војната со дел од американските медиуми на Белата куќа, резултираше со солидарен бојкот на медиумското покривање на оваа посета, и затоа од организираните настани има само фотографии.
Тоа што Трамп немаше можност пред камерите да се пофали колку добри се односите меѓу двете земји, не ги спречи неговите политички опоненти да ја критикуваат несфатливата надворешна политика на оваа администрација.
Претпазливиот пристап на Трамп кон кинеската Комунистичка партија е повеќе од очигледен оваа недела за време на посетата на Си Џинпинг. Само што слета администрацијата на Трамп соопшти дека го продолжува периодот на трговски олеснувања за Кина на уште два месеци. Навистина? Трамп треба да прифати трговско примирје со Канада на север, наместо да им попушта на Кина, Си и на неговиот авторитарен режим, изјави лидерот на демократите во сенатот, чак шумер.
Од политиката на американскиот претседател кон Кина незадоволството не го кријат ниту од Републиканската партија, која пред доаѓањето на Трамп и доминација која ја наметна врз неа традиционално имаше по бескомпромисен пристап кон Пекинг.
Го запознав претседателот Си. Седев блиску колку до оваа камера на преговорите. Тој има очи како на ајкула и убеден е дека Кина ќе владее со светот. Ќе започне со освојување на Тајван и контрола врз производствениот процес на чипови, сака да го контролира нивното дизајнирање, сака да ја контролира вселената, и сака да го контролира Арктикот. Верува дека ние сме во опаѓање а тој и Кина се во подем, мисли дека ние овде само седиме и дебатираме дали маж може да дои, додека тој гради нуклеарни подморници, рече републиканскиот сенатор од луизијана, џон кенеди.
И додека најголемите американски медиуми не присуствуваа на државната вечера, таму беа повеќе конзервативни инфлуенсери, голем дел од администрацијата, милијардери, финансиери и извршни директори на технолошките и индустриски компании во Соединетите држави.
Покрај неприсуството на медиумите, најголемо внимание привлече отсуството на Дарио Амодеи, извршниот директор на Ентропик, една од водечките компании за развој на вештачка интелигенција.
Игор Трајков












