Најмалку седум лица загинаа, а 23 се повредени во вооружен напад што го изврши 14-годишен ученик во својот дом и во училиштето „Дебсирин“ во Нонтабури, во близина на Бангкок.
Според тајландските власти, момчето најпрво ги убило своите баба и дедо, а потоа во училиштето усмртило петмина наставници, по што си го одзело животот.
Деветмина од повредените се во критична состојба.
Полицијата соопшти дека нападот бил внимателно испланиран, а мотивот засега останува непознат.

Ученици сведочат дека напаѓачот се движел од училница во училница, додека наставниците и учениците панично се обидувале да се засолнат или да избегаат.
Истражителите продолжуваат со увидот, а на распит се повикани и родителите на напаѓачот.
Ова е втор вооружен напад во училиште во Тајланд годинава и повторно ја отвори дебатата за контролата на огненото оружје.
Премиерот Анутин Чарнвиракул најави подготовка на нов закон со кој ќе се ограничат можностите за носење оружје, истакнувајќи дека ваква трагедија не смее да се повтори.












