Францускиот претседател Емануел Макрон денеска во Брисел изјави дека ќе соработува со германскиот канцелар Шолц во изнаоѓањето решение за проблемите со цената на гасот во Европа. Тој смета дека не е добро ниту за Германија, ниту за Европа, доколку Германија се изолира, бидејќи сега е важно да се одржи единството.
- „Мислам дека е потребно ние, Германија и Франција, да го зајакнеме суверенитетот на Европа. Отсекогаш сметав дека сум должен да направам се што можам за да го најдам патот до договор меѓу Германија и Франција за потоа да склучиме европски договори. Јас работам, но презакажавме само од технички причини, ако така можам да кажам, но имаме многу работа пред нас“, рече Емануел Макрон, претседател на Франција.
Германскиот канцелар Олаф Шолц ја повтори важноста на единството, рече дека никој не бара да нема гас, бидејќи вистинската дискусија е да се открие како „можеме да ги намалиме цените и да имаме доволно снабдување со гас за сите нас во Европа“.
- „Она што треба да го дознаеме е како можеме да ги поддржиме сите земји заедно да ги намалат цените, не само со субвенции, што е едно прашање, туку да ги намалиме на светскиот пазар. Затоа, треба да соработуваме, на пример, со други земји како Јужна Кореја и Јапонија“, рече Олаф Шолц, канцелар на Германија.
Германија трпи критики од партнерите поради спротивставувањето на ограничувачките мерки за цената на гасот, како што бараа другите земји-членки на ЕУ, а Франција го поддржува таквиот потег. Макрон денеска соопшти дека Франција, Шпанија и Португалија се договориле да изградат нов проект за гасовод меѓу неговата земја и Пиринејскиот полуостров, напуштајќи го спорниот гасовод MidCat.
Дводневниот самит, лидерите на ЕУ гo започнаа со спротивставени ставови околу ограничување на цената на гасот за да се спречи енергетската криза поттикната од инвазијата на рускиот претседател Владимир Путин на Украина и неговата стратегија да го стопира снабдувањето со гас.
Билјана Ставрова












