Градските власти во Келн поставија јавни водени прскалки за разладување на жителите, откако германската метеоролошка служба издаде предупредување за високи температури кои оваа недела ќе достигнат и до 35 Целзиусови степени.

Прскалките се дел од кампањата „Cooling Cologne“, реализирана во соработка со локалниот снабдувач со вода и енергија „РајнЕнерџи“.

Системите испуштаат ситна водена магла и се поставуваат на локации кои се најизложени на екстремни горештини. Тие се активираат само во денови кога има официјално предупредување за топлотен бран, со цел да им помогнат на граѓаните полесно да се справат со високите температури.

Иницијативата „Cooling Cologne“ беше започната во јуни 2025 година како дел од мерките за адаптација кон климатските промени. Целта е да се создадат повеќе разладени јавни простори за време на летните горештини, да се намали ризикот по здравјето и да се олесни престојот на граѓаните на отворено.












