Иран соопшти дека е во завршна фаза договорот со Оман за воспоставување привремена рута за пловидба низ Ормутскиот Теснец, една од најважните светски поморски артерии за транспорт на нафта и течен природен гас.
Според Техеран, договорени се географските координати на рутата, но предупредува дека безбедноста и натаму е загрозена поради американската поморска блокада и воените тензии во регионот.
Според иранските власти, привремената рута би можела да биде во функција од два до четири месеци.
САД засега не го коментираа предлогот, додека американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека Иран ќе се соочи со „многу силен удар“ доколку теснецот не биде повторно отворен во најкус рок.
Ормутскиот Теснец е клучен за светската енергетска трговија, бидејќи низ него вообичаено минуваат околу 20 проценти од глобалните испораки на нафта и течен природен гас.
По објавата за можниот договор, цената на нафтата Брент благо се намали на меѓународните пазари.












