„Нема друга алтернатива“ на решението со две држави за конфликтот во Газа, ова го изјави генералниот секретар на ОН, предупредувајќи дека времето истекува додека се уништуваат темелите за создавање идна палестинска држава, објави „Араб њуз.
-Пред една година, многу од вашите земји им се придружија на другите во признавањето на Државата Палестина“, им рече тој на учесниците, додавајќи дека со тоа тие признале оти решението со две држави – засновано на границите кои постоеја пред 1967 година и на меѓународното право и на резолуциите на Советот за безбедност на ОН – е единствениот пат кон траен мир и безбедност за Палестинците и за Израелците, како и за поширокиот регион, изјави тој.
Гутереш предупреди дека, и покрај дипломатскиот напредок, „условите за независна, демократска, територијално поврзана, одржлива и суверена палестинска држава систематски се уништуваат“.
Повикувајќи се на Меѓународниот суд на правдата, Гутереш рече дека светот во изминатиот период бил сведок на израелски политики и практики што, според судот, претставуваат незаконска анексија.
–Израелските населби на окупираната палестинска територија претставуваат флагрантно кршење на меѓународното право, рече тој.
Гутереш вчера повика и на продолжување на веродостоен политички процес што ќе стави крај на окупацијата.
Газа и Западниот Брег, вклучително и Источен Ерусалим, мора да останат „политички, економски и територијално интегрирани под една легитимна, суверена палестинска влада“, рече Гутереш.
-Целта е јасна – две независни, суверени и демократски држави, Израел и Палестина, кои ќе живеат една до друга во мир и безбедност, со сигурни и признати граници засновани на границите пред 1967 година и со Ерусалим како главен град на двете држави. Едноставно нема алтернатива, а времето истекува, кажа Гутереш.












