Четири вредни слики од францускиот импресионист Пјер-Огист Реноар биле украдени во вторникот од музејот „Реноар“ во Кањ-сир-Мер, на Француската ривиера.
Крадците пресекле ограда, влегле низ прозорец и ги однеле делата, но две од нив ги испуштиле при бегството, соопштија француските власти.
Според регионалното обвинителство, целата кражба траела помалку од три минути, а крадците се фокусирале на највредните дела во музејот.
Градоначалникот на Кањ-сир-Мер, Брајан Масон, проценил дека вкупната вредност на украдените слики изнесува околу 9 милиони евра.
Сепак, експертите за кражби на уметнички дела предупредуваат дека за сторителите ќе биде исклучително тешко да ги продадат.
Музејот „Реноар“ се наоѓа во последниот дом на уметникот, каде што живеел до неговата смрт во 1919 година.
Тој е една од најпознатите туристички атракции во Кањ-сир-Мер, град сместен меѓу Кан и Ница на брегот на Средоземното Море.
Масон изјавил дека крадците биле „добро опремени“ и „добро информирани“ и влегле во музејот преку градината.
Тие со електричен нож или пила ја пресекле оградата, влегле во музејот преку приземјето, а потоа ги пресекле држачите со кои биле прицврстени рамките на сликите.
Алармниот систем се активирал во 5:48 часот по локално време, а полицијата пристигнала само пет минути подоцна.
Брзата реакција на полицијата „ги принудила провалниците набрзина да побегнат и помогнала да се ограничи обемот на кражбата“, изјави градоначалникот.
Две од украдените дела биле пронајдени фрлени во градината на музејот. Станува збор за „Портрет на госпоѓа Пишон“ и „Коко чита“.
Сè уште се трага по другите две слики: „Портрет на госпоѓа Колона Романо“ и „Млада жена кај бунарот“.
Музејот во Кањ-сир-Мер во својата колекција има вкупно 12 дела на Реноар.
















