ЕУ е посилна од кога било, но и најнестабилна досега во ова сложено време Унијата избра да оди по свој пат, ова го кажа претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, денеска, на почетокот од својот говор пред Европскиот парламент во Стразбур.
Таа го цитираше описот на Чарлс Дикенс за деновите на Француската револуција како „најдобри времиња, но и најлоши времиња“ додавајќи дека исто е и во денешниот свет и дека брзината на промените е неверојатна.
Фон дер Лајен изјави дека Европската Унија избрала да се бори против „токсичното влијание“ на Русија, да застане на страната на Украина, која се бори за својата иднина и за европската безбедност, како и да застане на страната на Гренланд.
Во својот говор таа се заложи за Европа која ќе ги брани своите вредности, за вештачка интелигенција со хуман лик, за поголема енергетска независност, за обединетост кон заканите од Русија , за ребалансирање на односите со Кина и за градење нови партнерства. Таа го најави формирањето на Европски совет за безбедност, прв таков во историјата.
„Да нема сомневање. ЕУ ќе го брани секој сантиметар од европската територија“, порача Лајен.
„Дали сакаме да се обединиме околу нашата европска идеја дека заедно можеме да одлучуваме за сопствената судбина? Или ќе дозволиме нашите демократии да бидат поткопани од застапници и марионети на авторитарни режими? Без разлика дали станува збор за ултранационалисти или антиевропски сили, за руско мешање или дезинформации – имињата можеби се различни, но целта им е иста. Тие ги презираат нашите вредности и сакаат да го урнат нашето европско единство. Затоа, не само што треба да се спротивставиме на тоа, туку треба и заеднички да се бориме за нашиот европски идеал“, рече Лајен.
„Се соочуваме со отворено непријателски свет“, додаде Лајен, оценувајќи дека „старите претпоставки и односи се нарушени“. Таа зборуваше за „територијална агресивна војна“ во Украина, за „борба за индустриски капацитети“ и „наративи“, како и за „вртоглавиот дискурс за промени и технологија“ што влијае врз животите на луѓето.
„Ова го гледаме во подемот на екстремите и губењето на нијансите, дури и во начинот на кој се однесуваме едни кон други. Овие реални грижи се користат како оружје за да се создаде раздор меѓу нас – понекогаш однадвор, но пречесто и однатре.Но, нашиот пат е јасен. Изградба на независна Европа која има моќ да дејствува. Ништо не може да нè одврати од тоа. Зашто, во овој свет, судбината на Европа мора да остане во рацете на Европејците.“
Фон дер Лајен објави и дека Канада стана првата земја асоцијативна членка на ЕУ – нешто што не постоеше како статус досега.












