Европската унија денеска го означи стартот на нејзините планови за изградба на седум компјутерски центри за развој на модели на вештачка интелигенција во Европа.
Вкупната вредност на проектот достигнува 30 милијарди евра а неговата цел е Европа да не заостане во трката за отклучување на вештачката интелигенција. Планот на Брисел е да се изградат 4 помали центри со големина од 25 до 75 илјади чипови и 3 огромни центри со моќност од 40.000 до 100.000 чипови.
„Ова едноставно е најголемото јавно-приватно партнерство кое обезбедува околу 30 милијарди евра за инвестирање. Сега, зошто ѝ е потребно ова на Европа? Бидејќи Европа сака да стане првиот континент на вештачка интелигенција. Овие гигафабрики ќе ја обезбедат неопходната пресметувачка моќ да го направат тоа возможно, бидејќи Европа сака да стане првиот континент на вештачка интелигенција, и бидејќи на нашите стартапи, мали и средни компании, истражувачи и јавни власти ќе им ја дадеме неопходната инфраструктура да ги изградат најнапредните модели за здравство, транспорт и енергетика, да набројам само неколку примери. Сето ова исто така е во служба на нашата агенда за технолошка независност, бидејќи сакаме напредната вештачка интелигенција да се развива токму овде, дома во Европа, од европски компании и европски истражувачи во согласност со европските вредности и основни права, вели портпаролот на ЕК Томас Регние.“
Поединечни компании или конзорциуми можат да ги достават своите понуди до комисијата, која на почетокот на следната година ќе ги избере најдобрите. Откако ќе ги добијат средствата тие имаат 18 месеци да ги изградат центрите.
Како и сѐ останато во Брисел, планот не е без свои критичари. Многумина се сомневаат дека во Европа ќе има побарувачка за толкава компјутерска моќ, додека пак други посочуваат дека овој проект сепак се зависен од Соединетите држави, затоа што сите напредни чипови се произведуваат од американски компании.












