Иако траат веќе неколку месеци, протестите во Албанија изминативе денови не само што се интензивираа туку станаа и исклучително насилни. Започнаа како изблик на незадоволство од контроверзниот проект за градење луксузни одморалишта на до неодамна заштитено подрачје. Фактот што зад тој проект стои компанија поврзана со Џеред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, кој е многу непопуларен ширум Европа, значеше дека од самиот почеток протестите имаа масовност.
Именувани како „Фламинго револуција“, поради последниот заштитен природен крајбрежен резерват на Стариот континент кој овие птици го посетуваат, на протестите им се приклучија многу елементи од албанското општество презаситени од 13 годишното владеење на премиерот Еди Рама и неговата Социјалистичка партија.
- „Бараме подобар квалитет на живот, бараме елиминација на корупцијата во универзитетските структури, бараме подобро здравство. Сакаме да почувствуваме дека сме вистински претставувани од оние во Парламентот“ – Делина Мурати – студентка.
Тоа што опозицијата во оваа ситуација препозна шанса преку улица да го победи Рама, кога веќе не може да ја прекине неговата доминација на изборите, не треба да биде никакво изненадување за албанскиот премиер. Но, обемот и интензитетот на насилството што настапи откако студентите се приклучија на протестите, не беше очекувано од владата и подадената рака на Рама се чини дека доаѓа предоцна за да го смири незадоволството, особено што владата допрва започна сериозно да ги сфаќа протестите кои започнаа дури во мај.
- „Дијалогот е возможен во секој час, во секој ден и на секое место, со секого, освен политичките сили зад насилството на овие протести и кои одбиваат да се дистанцираат од него, и освен оние кои фрлаат камења на полицијата, освен оние кои аплаудираат кога полицаец ќе биде запален, сите други се добредојдени. Подготвен сум да се сретнам со секого, да го ислушам и да сфатам како и каде може да биде пронајдено решение“ – Еди Рама – Премиер на Албанија.
Премиерот ги обвини организаторите на протестите дека не сакаат Албанија да успее на европскиот пат, но токму неговата влада инсистира на градењето на луксузниот резорт на Кушнер, и покрај предупредувањата од Брисел да се укинат законските измени со кои беше тргната заштитата на резерватот, затоа што Тирана е свесна дека успешното затворање на преговорите ќе значи беспоговорно почитување на европските стандарди.
Игор Трајков












