Револуционерните мерки за економски раст на Лиз Трас не вродија со плод, и по катастрофалниот контраефект кој го предизикаа и под силниот притисок внатре во Конзервативната партија, беше приморана да поднесе оставка. Трас навистина испиша историја во британската политика, но не како револуционерен реформатор на британскиот економски систем, туку како премиер кој најкратко ја извршувал функцијата. Премиерката во заминување соопшти дека внатре во партијата бил постигнат договор во текот на следната недела да биде изберен нов лидер, а со тоа и нов премиер.
- „Тоа ќе гарантира дека ќе останеме на патот за исполнување на нашите фискални планови, и да ја одржиме економската стабилност и национална безбедност на нашата земја. Ќе останам премиер се додека не биде избран наследник“ – Лиз Трас – Премиер на Обединетото Кралство.
Во овие непознати за Обединетото Кралство води, во кои економијата е во сериозна криза, во најголем дел резултат на политичка криза, предизвикана од нестабилноста на Конзервативната партија, Ториевците планираат да изберат нов лидер и премиер за само една недела. Обидувајќи се да остане на власт партијата ќе спроведе процес кој во нормални услови трае со месеци, во само седум денови.
- „Мислам дека сме длабоко свесни за важноста на националниот интерес ова да се разреши јасно и брзо“ – Греам Брејди – Претседавач со Комитетот 2922 на Конзервативната партија.
Но, опозициската Лабуристичка партија, која според последните анкети има убедливо водство, не сака да слушне за нов премиер од Ториевците. Нивниот лидер Кир Стармер смета дека државата повеќе не смее да биде експеримент во „сапунската опера“ на Конзервативната партија, и бара веднаш распишување предвремени избори.
- „Не смееме да дозволиме уште еден експеримент на лидерите на Ториевците. Постои алтернатива, а таа е стабилна лабуристичка влада. И јавноста има право да го каже своето. И токму затоа треба да има парламентарни избори“ – Кир Стармер – Лидер на Лабуристичката партија.
Британските медиуми сѐ уште не шпекулираат со имиња, од едноставна причина што непознато е на кој начин ќе се избере нов лидер на партијата во толку краток период. Најочигледната опција е да гласаат само пратениците, без членството, затоа што тоа би било логистички неизводливо за 7 денови, но прашање е дали и пратениците, кај кои исто така постојат длабоки поделби, би успеале за толку краток период да се договорат за едно име.
Игор Трајков












