Британскиот премиер Енди Барнам изјави дека Русија се мешала во референдумот за излез на Велика Британија од Европската Унија во 2016 година. Во интервју за подкастот „The Rest Is Politics“, тој рече дека по преземањето на функцијата побарал информации за можно руско влијание и добил јасен одговор дека такво мешање имало.
Сепак, не изнесе детали за обемот и начинот на кој Москва наводно влијаела врз референдумот.
Изјавата предизвика реакции од групата „Britain Unbound“, која ја поддржуваше кампањата за Брегзит. Оттаму ја оценија како обид да се поткопа легитимноста на одлуката на британските граѓани, нагласувајќи дека нема убедливи докази оти руската интервенција го променила исходот од гласањето.
Во извештајот од 2020 година, парламентарната Комисија за разузнавање и безбедност на Велика Британија ја критикуваше владата поради недоволната процена на заканата од руско влијание, но не донесе конечен заклучок за обидите за влијание врз референдумот.
Барнам предупреди и на ширењето дезинформации поврзани со Русија во политичкиот живот на Франција и Германија.
Британската влада најави зајакнување на мерките за заштита на демократските институции, изборните процеси и критичната инфраструктура.
Меѓу главните предизвици се и лажните видеа создадени со вештачка интелигенција, кои имитираат новинари и медиумски организации со цел ширење неточни информации.












