Српската влада на денешната седница го усвои предлогот на премиерот Ѓуро Мацут за распуштање на Народното собрание и го упати до претседателот Александар Вучиќ.
Мацут оцени дека распишувањето предвремени парламентарни избори е демократски одговор на долгогодишните политички тензии, протести и поделби во земјата. Тој истакна дека владата работела на подобрување на изборните услови, земајќи ги предвид препораките на ОБСЕ/ОДИХР.
Според процедурата, претседателот има рок од 72 часа да одлучи дали ќе го прифати предлогот за распуштање на Собранието. Доколку го стори тоа, тој ги распишува изборите, кои мора да се одржат во рок од 45 до 60 дена од нивното распишување.
Претседателот Вучиќ претходно најави дека предвремените парламентарни избори би можеле да се одржат на 18 или 25 октомври, а да бидат распишани најдоцна на 9 или 10 септември.
Во меѓувреме, Српската напредна партија (СНС) одлучи Вучиќ да биде носител на изборната листа „Обединета Србија“и кандидат за премиер доколку листата победи на изборите.












