Студентите не отстапуваат од барањето за зголемување на субвенционираниот студентски оброк. Веќе две години се во неизвесност дали и за колку ќе се зголеми сумата што ја добиваат. Велат дека доколку надлежните не одговорат на нивните барања, по студентскиот референдум ќе одлучуваат за следните чекори. На референдумот ќе се изјаснат за прашањата што ги засегаат, но и за актуелните проблеми со кои се соочуваат.
– Тоа го планираме до следна недела да биде завршено но сепак одговорот на студентите за систематската промена не е зависна со промената на сумата на оброкот заради тоа што студентите ќе го користат субвенционираниот студентски оброк и додека имаат картички и додека користат електронски ваучери. Така да не е спорно дали ќе имаме нов систем спорно е кога државата ќе го зголеми овој субвенциониран студентски оброк. Се надевам државата ќе биде свесна дека студентите се иднината на оваа држава, но иднинатане доаѓа за 10 години, за 15 години, студентите се сега. На студентите им треба оброк сега и треба да инвестираат во студентите сега за потоа студентите да можат да придонесат на ова економија, вели Ангела Василевска, претседателка на УСС УКИМ
Разговорите меѓу студентите и надлежните продолжуваат, а најавено е дека ќе има зголемување на сумата за субвенционираниот оброк. Колкаво ќе биде зголемувањето засега не е прецизирано. Во меѓувреме, останува отворено и прашањето како ќе функционира новиот систем со електронски ваучери.
– Целта на овој систем е да ја користат субвенцијата за здрава храна, тоа што и била намената на законот и да ја користат за она што е вистинската намена, односно да не можат да користат алкохол цигари и друго нешто што тие вообичаено го прават според нивните кажувања и според она што може да се види во градот. Ќе може да го користат секаде каде што се одредени оператори кои ќе им продаваат исклучиво само храна, вели Весна Јаневска министерка за образование и наука.
Премиерот и министерката Јаневска вчера се сретнаа со студентите. Во фокусот на разговорите бил субвенционираниот студентски оброк. Студентите побарале од надлежните да го зголемат сумата од 140 на 200 денари. Но наместо конкретен одговор дали ќе се зголеми сумата на оброкот, Владата им понудила нов модел за користење на субвенционираниот оброк преку електронски ваучери.
Ова би било алтернатива на сегашниот систем со посебни картички на кои се исплаќаат 840 денари. Средбата меѓу студентите и премиерот, доаѓа по обвинувањата од дел од студентските собранија дека износот на студентскиот оброк не е зголемен три години и дека надлежните не ги почитуваат законските одредби.
Симона Петровска













