Софија ја затвора вратата за повторно преговарање на преземените обврски на Македонија на патот кон Европската унија. Бугарската министерка за надворешни работи, Петрова-Чамова, зборувајќи во бугарското Собрание, порача дека ставот на Бугарија останува непроменет. Условите се јасни – спроведување на договорот од 2022 година и исполнување на обврските.
Бугарија е категорично против предлогот на Европската комисија, во процесот за проширување да се користи квалификувано мнозинство наместо досегашниот принцип на едногласност.
„Обврската на Скопје за вклучување на Бугарите во Уставот е услов за вистинско отворање на преговорите. Тука би додала дека изминативе неколку денови Европската комисија ги објави т.н. патокази за државите кандидатки за ЕУ, меѓу кои не беше Република Северна Македонија, што јасно покажува дека тие всушност не ги започнале преговорите, токму затоа што не ги направија промените на Уставот, како што се бара. Таа обврска за смена на Уставот е категорично потврдена и во заклучоците на Европскиот совет кои се однесуваат на проширувањето од 2022 година наваму. Значи, ова е обврска од која нема отстапување. Слични пораки дека таа обврска останува, беа испратени од еврокомесарката за проширување Марта Кос и од претседателката на ЕК при нивните посети на Северна Македонија“, кажа Велислава Петрова-Чамова, министерка за надворешни работи на Р. Бугарија.
Дел од експертската јавност оценува дека Софија е во покомотна позиција, додека топката повторно е кај Скопје.
„Не е дека Софија треба да биде воздржана заради внатрешната состојба и претстојните избори туку затоа што Софија се наоѓа во многу покомтна положба од нас. Ние сме тие коишто треба да испорачаме ако сакаме да продолжиме понатаму топката е постојано кај нас. Тоа мораме да го сториме ако навистина сакаме да ја промениме состојбата и односите“, вели Андреја Стојковски, извршен директор на институтот „Преспа“.
Политикологот Исени е на став дека првата средба на високо ниво по посетата на Урсула фон дер Лајен испраќа позитивен сигнал за придвижување на европскиот интегративен процес, но суштинските разлики остануваат. Тој смета дека Македонија има право да бара гаранции за предвидливост на процесот, почитување на македонскиот јазик и идентитет.
„Во овој момент е тешко дека Европската унија ќе се осмели да даде некакви гаранции и затоа мислам дека е оправдано на некоја идна средба на високо ниво, можеби и на премиерско ниво, да биде вклучена и некоја трета страна од ЕУ. Ако навистина има такви гаранции како што бара Владата, уставните измени ќе се случат после изборите, без разлика дали редовни или предвремени“, кажа политикологот Џенур Исени.
А, воздржаноста на Бугарија не значи промена на нејзината позиција, оценува професорот Спасеновски.
„Во ситуација во која партијата на Румен Радев очекува и се надева дека ќе го заземе и тоа друго столче на непосредните избори за претседател и за потпретседател на Бугарија, да биде повнимателна и да не презема чекори коишто потенцијално го нарушиле тој изборен резултат“, вели д-р Александар Спасеновски, универзитетски професор.
Вчерашната средба во Софија беше оценета како конструктивна, но без приближување на ставовите. Муцунски предупреди на високата недоверба помеѓу двете земји, нагласувајќи дека дијалогот ќе продолжи во духот на добрата волја, но со почитување на македонските државни интереси.
Петар Догов













