Кривична пријава против поранешниот в.д. директор на УХМР, Ивица Тодоровски поднесе Министерството за внатрешни работи (МВР), како и за неколку вработени во управата и за скопска и битолска фирма. МВР го гони Тодоровски дека ги потпишал тендерите со двете фирми во различен период за ист настан, иако знаел дека се правно нецелосни и процедурално неисправни. На скопската фирма ѝ овозможил имотна корист од над 475.000 евра.
„Воедно, истиот бил должен да увиди дека постапката не е спроведена согласно Етичкиот кодекс на СМО, дека понудувачите не ги исполнуваат условите, како и дека за сите ставки од техничката спецификација нема понудено цени, а критериум за избор бил „најниска цена“, донел Одлука за избор на најповолен понудувач и во име на УХМР Скопје со правното лице од Скопје склучил договор за набавка на услуги, со што му овозможил на правното лице да се стекне со противправна имотна корист од вкупно 29.244.786 денари“, изјави Гоце Андреевски, портпарол на МВР.
На битослската фирма, пак, што го добила тендерот, Тодоровски ѝ овозможил имотна корист од околу 12.700 евра.
„Исто така, донел и втора одлука за избор на најповолен понудувач и во име на УХМР Скопје со правното лице од Битола склучил договор за набавка за печатење на промотивен работен материјал и ситен инвентар, со што овозможил правното лице да се стекне со противправна имотна корист од вкупно 782.050 денари“, додаде Андреевски.
Останатите вработени во УХМР кои се гонат се членови на комисија за спроведување на набавки и контролор од Секторот за финансии, кои според пријавата, иако знаеле дека тендерите не се согласно условите овозможиле да се реализираат. Кривичните дела кои им се ставаат на товар се „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „фалсификување исправа“.
Марија Митевска













