Расте бројот на пациенти со грип и респираторни инфекции. Возрасна пациентка со повеќе коморбидитети поради компликации од грип е пренесена од Клиниката за пулмологија и алергологија на Инфективната клиника.
Во моментов имаме една пациентка која е во навистина тешка состојба со пореметување на респирацијата, но исто така и на свеста и преговараме со Инфективната клиника за да ја земат, бидејќи веројатно ќе и треба респиратор. Пациентката е позитивна на инфлуенца. Во однос на вакцинирањето секако дека не е доцна, но пациентите пред да бидат вакцинирани мора да бидат здрави, значи пациент што е болен, потенцијално може има вирус, во тој случај не би можело да се вакцинира, рече проф. д-р Дејан Докиќ, универзитетска клиника за пулмологија и алергологија.
Во моментов на Инфективната клиника се хоспитализирани десетина пациенти со грип, тројца од нив имаат ковид. Во текот на изминатото деноноќие на Инфективната клиника имало 52 амбулантски прегледи. Има и пациенти со тешки пневмонии, но не и животозагрозувачки. Според директорката Стевановиќ, за тешки клинички слики можеме да говориме само кај возрасни пациенти со хронични болести.
Со оглед на тоа дека навлегуваме во сезоната на грип, на инфлуенца, пикот се очекува да биде кон крајот на месец февруари, почетокот на месец март, вели Мехмедовиќ.
Она што е задоволувачки во моментов е што немаме големи отстапувања од кривата и ние сме во зоната на ниска вирусна активност. Има земји кои се наоѓаат во средно висока и во висока зона на активност на вирусот и тоа е состојба која е за нив загрижувачка, кај нас нема причина од таква загриженост, рече Мехмедовиќ.
Во однос на ковид има намалување на нови позитивни случаи за 10 отсто во споредба со претходниот месец. Доколку ги имаме предвид сите ризици во овој период од годината граѓаните треба да ги почитуваат превентивните мерки и препораките на Комисијата за заразни болести во интерес на нивното здравје.
Нина Стефанова













