Општинскиот штаб за заштита и спасување во Куманово одржа состанок за актуелната состојба на депонијата „Краста“, на кој присуствуваа претставници на надлежните институции, јавните претпријатија, здравствените установи и општинската администрација. На состанокот беа донесени заклучоци за преземање мерки за деблокирање на депонијата и овозможување непречено одлагање на сметот од градот.
Меѓу предвидените мерки се континуирано третирање на депонираниот отпад со земја и градежен материјал, засилено физичко обезбедување, поставување дополнителни камери за видео и термовизиски надзор, како и санација на оштетената заштитна ограда. Од МВР – СВР Куманово се бара координација за отворање коридор до депонијата, додека Центарот за јавно здравје треба да подготви информации и насоки за спречување можни последици од нередовното собирање и депонирање на отпадот.
Дополнително, директорот на ЈП „Чистота и зеленило“ е задолжен, во соработка со локалното население, да формира еко-патрола со претставници на месните заедници и невладините организации од селата Пчиња, Студена Бара, Вак’в и Винце. Групата ќе врши неделен мониторинг на состојбата на депонијата „Краста“.













