„Ме боли душата“.
Со овие зборови едно дете ја опишало својата состојба пред докторката Билјана Гагачовска, супспецијалист по детска и адолесцентна психијатрија на Универзитетската клиника за психијатрија.
Но, до специјализирана помош не стигнува секое дете на кое му е потребна. На Клиниката во моментов работат еден супспецијалист по детска и адолесцентна психијатрија и двајца психијатри кои работат со деца и адолесценти. Во деновите кога примаат преку „Мој термин“, секој од нив има по 12 до 20 прегледи.
Гагачовска вели дека и оваа бројка не ја покажува реалната потреба, бидејќи дел од децата воопшто не стигнуваат до лекарска помош.
„ Бројот на лекари кои во моментов работат во областа на детската и адолесцентната психијатрија е недоволен во однос на реалните потреби на населението и континуираното зголемување на бројот и комплексноста на пациентите. Прегледот во детската психијатрија не е едноставен и краток контакт меѓу лекарот и пациентот. Тој подразбира детална развојна и психијатриска проценка на детето, разговор со родителите или старателите, проценка на семејното, училишното и социјалното функционирање, а по потреба и психолошка, дефектолошка, логопедска проценка и координација со други здравствени, образовни и социјални служби. За квалитетна проценка на едно дете е потребно време“, вели Билјана Гагачовска, супспецијалист по детска и адолесцентна психијатрија на Универзитетската клиника за психијатрија.
Според официјалниот регистар на издадени лиценци за детски психијатри на Лекарската комора во земјава има вкупно 5 издадени лиценци, 3 се во јавно здравство, една е за лекар во приватно, и една е за лекар кој работи во научно истражувачка дејност. Тоа значи дека само тројцата лекари работат со сите деца на кои им е потребна помош а кои не требада плаќаат приватно, иако и таму нема издадено потребни лиценци.
Според податоците од Клиниката една вработена докторка е во завршна фаза на специјализацијата по детска и адолесцентна психијатрија и се очекува да ја заврши до крајот на годината, а уште една вработена докторка е на трета година од специјализацијата во оваа област. Во Скопје работи и психијатар во Заводот за слух, говор и глас, кој се занимава со детска психијатрија и е на супспецијализација. Иако работата на оваа установа првенствено би требало да биде ограничена на невроразвојната патологија во детска возраст која го посетува заводот, во практиката лекарот работи и со адолесценти со психијатриска патологија.
Дополнително, во службата „Младост“ при ЈЗУ Здравствен дом Скопје, која функционира на секундарно ниво на здравствена заштита од областа на менталното здравје на деца и млади работат психијатар и педијатар, како и психолог, дефектолог, логопед и социјален работник.
Последниот извештај на Првата детска амбасада „Меѓаши“, базиран на јавувањата на контакт линијата „Ало Бушавко“, покажува сериозна потреба од поддршка за менталното здравје на децата.
Од повеќе од 280 јавувања, најчесто биле засегнати деца на возраст од 10 до 12 години. Кај 30 проценти биле проценети проблеми со менталното здравје. Деветнаесет деца имале самоубиствени мисли, исто толку страв и вознемиреност, 13 проблеми со расположението, 12 загриженост за себе, а девет проблеми со контрола на гневот.
Дел од децата биле упатени до здравствени институции, а во некои случаи била потребна и итна реакција.
Но, токму тие наидуваат на големи бариери бидејќи тешко се доаѓа до лекар, вели волонтерката во „Ало бушавко“, Мимоза Костовска. Втората препрека до која доаѓаат е тоа што лекари има само во Скопје и Битола, а третата е тоа што нема на државно па луѓето се принудени да одат во приватни болници или центри со некаква психолошка помош.
„За жал се почести се јавувањата на родители кои не се во можност да им пружат грижа на своите дечиња бидејќи лечењето чини високи финансиски средства кои родотелите не можат да ги овозможат. На пример мајка на 4 деца од кои едно има психолошки проблем многу чедто ни се јавуваше барајќи од нас да ја упатиме каде да го носи своето дете на лекување, во која болница а таа беше од Гевгелија, друг родител од Градско бараше да му помогнеме во која болница е поевтино да го лекува детето, а една многу револтирана мајка ни се јави да ни каже дека за лечење на своето дете во приватна болница требала да плати 57.000 денари, а нејзиниот сопруг заработувал месечно само 22.000 денари, вели Костовска.
Дека со деца работат и невропсихијатри или психијатри кои не се специјализирани за деца или адолесценти потврдуваат и од Лекарската комора. Според нив недостигот е поради тоа што специјализација за работа со најмладите е воведена од 2015 година, а трае 5 години.
„Ако се земе во превид дека ова е понова специјализација, кога се анализира вкупната бројка на расположлив лекарски кадар со одредени компетенции треба да се истакне дека со деца работат и невропсихијатри како и психијатри, кои во текот на работата се профилирале за оваа патологија. Во Регистарот се евидентираат 29 активни лиценци по неврохсихијатрија и 163 по психијарија, велат од Лекарската комора.
Дури и овој број на лекари не е доволен според пресметките и препораките на Светската здравствена организација. Според последниот попис, во земјава има околу 415 илјади деца и адолесценти на возраст од 0 до 19 години. Оваа возрасна група е земена како основа бидејќи и СЗО ја користи во своите препораки.
Ако се земат предвид само петтемина детски психијатри, еден лекар опслужува околу 83 илјади деца и адолесценти. Тоа е околу 1,2 детски психијатри на 100 илјади деца и адолесценти до 19 години. Но, и оваа бројка не ја покажува целосно реалната состојба, бидејќи од петте издадени лиценци, една е за лекар кој работи во научноистражувачка дејност.
Европскиот просек е 3,4 психијатри на 100 илјади деца, што би значело дека во земјава би требало да има најмалку 14 детски психијатри. СЗО, пак, препорачува 12 психијатри на 100 илјади деца за да се обезбеди релативно добра заштита.
Организацијата посочува дека со деца треба да работат специјалисти обучени за работа со нив.
Од Министерството за здравство за сега нема одговори на прашањата на Телма, за тоа дали има и каква е стратегијата за да се подобри ваквата состојба со недостигот на лекари – психијатри за деца и адолесценти.
Од невладината ЕСЕ која долго време работи на истражувања поврзани со здравствениот систем велат дека бројката од пет лиценци не треба да се гледаа изолирано, бидејќи укажува на поширок проблем – недоволно развиен систем на грижа за менталното здравје на децата. Од друга страна недостигот и концентрацијата на детските и адолесцентните психијатри во неколку поголеми градски центри создаваат сериозна здравствена нееднаквост.
„Децата од помалите градови и руралните средини немаат ист пристап до специјалистичка помош, а семејствата се принудени да патуваат, да плаќаат превоз, да отсуствуваат од работа, а децата од училиште. Тоа е особено проблематично кај менталното здравје, каде што најчесто не е доволен еден преглед, туку се потребни редовни контроли и подолготрајно следење. Затоа вистинското прашање е дали секое дете, без оглед каде живее и каква е финансиската состојба на семејството, може навремено да стигне до стручната помош што му е потребна”, вели Борјан Павловски од ЕСЕ.
Инаку според податоците од Клиниката каде единствено вистински се лекуваат децата најчести дијагнози се анксиозни и депресивни нарушувања, емоционални и бихејвиорални тешкотии, нарушувања поврзани со стрес и трауматски искуства, опсесивно-компулсивна симптоматологија, нарушувања во исхраната, нарушување на вниманието со хиперактивност (ADHD) и нарушувања од аутистичниот спектар. Кај адолесцентите сè почесто има и самоповредувачко и ризично однесување, суицидални мисли, злоупотреба на психоактивни супстанции, како и со сериозни психијатриски состојби кои бараат интензивен третман, а понекогаш и хоспитализација.
Објаснувањето на овие деца е дека се самоповредуваат за да си ја ублажат душевната болка.
Решението докторите го гледаат во кадровско и организациско зајакнување на детската и адолесцентната психијатрија. Но не само со зголемување на бројот на лекари на една клиника, туку и во создавање функционален, регионално достапен и мултидисциплинарен систем на грижа за менталното здравје на децата низ целата држава.
Очекуваат зајакнување на капацитетите на Клиниката, а истовремено и работење и на развивање услуги на секундарно ниво, односно отворање регионални центри низ државата кои би работеле со деца и адолесценти со ментално-здравствени тешкотии.
Билјана Николовска
Оваа сторија е изработена со финансиска поддршка од Француската агенција за развој (Agence française de développement) преку Expertise France како дел од проектот „Посилен систем за поправедна заштита: Намалување на корупцијата во здравството“ кој го спроведува Здружение ЕСЕ. Содржината на оваа сторија е исклучива одговорност на ТВ Телма и во никој случај не може да се смета дека ги одразува ставовите на Expertise France или на Француската агенција за развој (Agence française de développement).













