Вистината мора да се открие, порача адвокатот Звонко Давидовиќ коментирајќи ја истрагата за киднапирањето и убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
Значи ние многу пати, во многу предмети, стававме работи под ќилим и никогаш јавноста не беше задоволна, не го доби вистинскиот одговор. Овде тоа не смее да се случи. Значи овде мораме да утврдиме кој е мотивот, зошто се случило, кој го сторил, од кои побуди и мотиви, и нормално казната да биде таква, за оние кои ќе се утврди дека се виновни, каде што ќе има и воспитно влијание, значи генерална превенција, ќе им каже на луѓето дека вакво нешто во иднина не смее да се случи, предупреди Давидовиќ.
Давидовиќ потенцираше дека вистината мора да биде утврдина, во спротивно дополнително ќе се зајакне недовербата на граѓаните во судството и органите.
Ако не го одговориме мотивот, не сме ја завршиле целосно истрагата. Секако дека има и пропусти, има и многу отворени прашања за коишто се надеваме дека во понатамошната фаза на истрагата ќе дојдеме до одговорите и ќе го заокружиме како процес комплетно. Како дел од недостатоците е дека успеа првоосомничениот да побегне, што за жал на институциите не е првиот што ја напуштил државата. Значи тоа укажува на пропусти во водењето на истрагата во самото Министерство за внатрешни работи, каде што најверојатно некој доушник му кажал дека полицијата е на траг, се затвора кругот и постои опасност од ваше приведување. Што значи нарушено е основното начело во работењето на криминалистиката а тоа е начелото на конспиративност, рече професорот Марјан Николовски.













