Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

„Животинска фарма“ на театар од Прилеп е за неопходноста од стандарден театарски простор

/

Култура

Сподели преку :

Театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп ја одржа четвртата премиера во оваа година. Се работи за претставата „ Животинска фарма“, работена според романот на Џорџ Орвел, во драматизација на Лидија Митоска- Ѓорѓиевска и на режисерот Ќендрим Ријани. Неговиот концепт дава одговор на прашањето за важноста и неопходноста од театарот денес, во услови кога прилепскиот ансамбал нема сопствен објект за работа. Но, нестандардните услови не беа пречка за да се покаже колективната посветеност и прецизност кај актерите и да се потврди исклучителната режисерска инвентивност на Ријани.

Напишан како алузија на случувањата во Советскиот сојуз, за време на ерата на Сталин, сатиричниот роман на англискиот автор Џорџ Орвел, низ драматизацијата на Лидија Митоска- Ѓорѓиевска и на режисерот Ќендрим Ријани, стана претстава чиј концепт одговара на прашањето за неопходноста на театарот денес, во услови кога НТ „ Војдан Чернодрински“ од Прилеп нема сопствен објект од лани и работи во Центарот за култура „ Марко Цепенков“, вели режисерот.

  • Во Прилеп нема театар. Јас стигнав да направам една претстава, каде можам да се изјаснам за сите мои прашања и одговори што треба да ги добие публиката преку еден концепт, кој дава одговор на прашањето зошто театарот е важен и зошто театарот е неопходен за луѓето, вели Ќендрим Ријани, режисер на претставата.

За таа цел, во алегориските сцени животните од фармата не градат ветерница како што е по тектот, туку театар. Дејствието е подредено на имерзивниот израз, така што публиката ја следи фабулата од фоајето на ЦК, продолжува во подрумот , каде актерите играат најпрвин под ротацијата, а потоа на неа, отворајќи повеќе прашања.

  • Зборувајќи за моќта, стравот, молкот и колку ние се прилагодуваме и премолчуваме. И го прифаќаме за нормално, ненормалното. Не носи до тоа, дали треба да застанеме и да се бориме или не, рече Марија Спиркоска- Илијеска, актерка.

Деликатните аспекти од делото на Орвел, за механизмите на моќта, апсолутната контрола над луѓето и нееднаквоста меѓу нив, во овој театарски чин добиваат поширок општествен контекст.

  • Се зборува за сите линии. И за здравство , и за политика и за сѐ друго, кажа режисерот Ријани.

Оваа четврта премиера на театарот годинава, ја покажа исклучителната колективна посветеност, креативност и истрајност на актерите, кои работат во нестандардни услови. И го потврди впечатокот за Ќендрим Ријани како еден од најинвентивните наши помлади режисери.

Сотир Трајков