Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Осум концерти на македонски музички уметници и камерни ансамбли на 21-то издание на фестивалот „Златна лира“

/

Култура

Сподели преку :

Во организација на Сојузот на музичките уметници на Македонија (СМУМ), од 14 до 28 октомври 2026 година, во Музејот на револуционерната борба во Скопје, ќе се одржи 21. издание на фестивалот „Златна лира“.

Годинашната програма опфаќа осум концертни вечери, во кои камерната музика се претставува низ разновидни инструментални состави, стилски епохи и естетски изрази. Од барокната полифонија и класичната формална јасност, преку романтичарската експресивност, до звучните и ритмичките истражувања на музиката на 20 и 21 век, фестивалот нуди широк пресек на камерниот репертоар. Посебно место заземаат делата на македонските композитори, поставени во непосреден дијалог со европското и светското музичко наследство.

Фестивалот ќе биде отворен на 14 октомври со настап на гитарското дуо „Милонга“, кое го сочинуваат Александра Кировска и Дејан Лазаревски. Нивната програма е обликувана околу експресивните и ритмичките особености на гитарската литература, со нагласено присуство на латиноамериканскиот музички идиом. Делата на Максимио Диего Пујол, Астор Пјацола и Зеќиња де Абреу, заедно со композиции од Јохан Каспар Мерц и Војислав Ивановиќ, отвораат простор за стилски контрасти, виртуозност и богата колористичка палета на двете гитари. Кировска и Лазаревски, кои во последните години остваруваат активна заедничка концертна дејност, негуваат репертоар што ги поврзува класичната гитарска традиција и современите изведувачки пристапи.

На 15 октомври ќе настапи Трио „Интерарт“, во состав Александар Стефановски и Емилија Ристевска Стефановска – флејти и Татјана Божиновска – пијано.

Кларинетистот Бранко Павловски и пијанистката Наташа Трбојевиќ ќе настапат на 20 октомври, со програма што ги обединува романтичарската традиција и современата литература за кларинет и пијано.

На 21 октомври пијанистите Јасна Аврамовска и Дарко Мариновски ќе се претстават со програма посветена на литературата за пијано четирирачно.

На 24 октомври виолинистот Момчило Куфојанакис и пијанистката Весна Ангелова Христов ќе изведат програма во која се испреплетуваат класичната елеганција, романтичарската лирика и виртуозната виолинистичка традиција.

Посебно место во фестивалската концепција има концертот на млади наградени уметници, закажан за 25 октомври.

На 27 октомври ќе настапат саксофонистот Лазар Соколов и пијанистката Емилија Кабранова Филипова, со програма која ги истражува изразните и колористичките можности на саксофонот во камерната музика.

Дваесет и првото издание на „Златна лира“ ќе биде заокружено на 28 октомври со вокален рецитал на мецосопранот Александра Коцевска и пијанистот Глигор Гелебешев. Во фокусот на завршната вечер ќе биде соло-песната како интимна форма на музичко-поетски израз, во која вокалната интерпретација и пијанистичката фактура се обединуваат во единствена драматуршка целина. Програмата опфаќа песни од Морис Равел, како и дела од македонските композитори Сотир Голабовски и Љубомир Бранѓолица. Коцевска, добитничка на наградата „Златна лира“ за врвни уметнички достигнувања во 2024 година, и Гелебешев веќе повеќе од една деценија градат препознатлива камерна соработка, со особен интерес за вокалната лирика и нејзините разновидни стилски облици.