Американскиот кинематографер Џеф Кроненвет, познат по трилерите, соработките со режисерот Дејвид Финчер и реализираните остварувања, меѓу кои се: „ Боречки клуб “, „ Социјална мрежа“, „ Исчезната девојка“ и „ Девојката со тетоважа на змеј“, е добитник на наградата „Златна камера 300“, за особен придонес во светската кинематографија. Признанието ќе му биде врачено на отворањето на 47. ИФФК „ Браќа Манаки “, што ќе се одржи од 19. до 25. септември во Битола, кажа директорот на фестивалот .
- Човек кој што е познат по тоа дека умешно ја користи светлината, но повеќе е познат по тоа што ја користи темнината, односно сенките. Човек , кој што во Битола ќе ја донесе атмосферата на трилерот, рече Димитрија Доксевски, директор на ИФФК „ Браќа Манаки “.
Фестивалот ќе биде отворен и затворен со филмови во кои Македонија е еден од копродуцентите. Се работи за два филма што ќе имаат домашни премиери во Битола, по учествата и наградите на светски филмски фестивали.
- Филмот со кој што ќе го отвориме фестивалот „ Браќа Манаки“ е „ Скејтањето не е за девојчиња“, во режија на Дина Дума и на кинематограферот Фредерик Ноаром. Филмот на затворањето исто така ќе биде македонски. Тоа е дебитантскиот филм на Срѓан Јаниќијевиќ “ Нема да верувате што се случи претходно“. Кинематографер е Дејан Димевски, кажа Слаѓан Пенев, селектор на главната филмска програма.
Ова се две од вкупно 12 остварувања , што ќе бидат прикажани во главната фестивалска програма. Меѓу нив е и остварувањето на Висар Морина „ Срам и пари“. Во документарната програма има 10 филмови од регионот, Европа, Блискиот Исток, Африка и Северна Америка. Целта е да се долови разновидноста на визуелниот израз во документарниот филм, рече селекторката Кумијана Новакова. Програмата за кратки филмови вклучува 15 остварувања, меѓу кои е и „ Никола, Никола“ на Леон Ристов и Самир Љума. А, во студентската програма има 14 филмови. Еден од нив е „ Езерото“ на Софија Христовска.
Во рамките на фестивалот ќе се одржат панели и мастеркласови, со учество на истакнати кинематографери од светот. За популаризација на филмот меѓу младите, билетите за студентите и средношколците ќе бидат со 50% попуст.
Сотир Трајков












